1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ подготвена да учествува во мисијата на ОН на Блискиот исток

12 август 2006

ОН очекуваат итен прекин на огнот на Блискиот исток, веднаш откако владите на Израел и Либан ќе ја прифатат резолуцијата на Советот за безбедност.

https://p.dw.com/p/Ac47
Хавиер Солана со премиерот Ехуд Олмерт за време на една претходна посета на Израел
Хавиер Солана со премиерот Ехуд Олмерт за време на една претходна посета на ИзраелФотографија: AP

Претставникот на Светската организација Геир Педерсен во Бејрут посочи дека либанската влада ќе расправа за документот уште попладнево, а израелската утре. Во обид да го забрза усвојувањето на резолуцијата 1701 со највисоки претставници на двете влади разговара и координаторот на европската надворешна политика Хавиер Солана.

„Многу сум задоволен што беше донесена резолуцијата и се надевам дека обете страни ќе ја прифатат. Верувам дека ќе дојде и до повлекување на силите и дека примирјето ќе биде трајно„ – изјави денеска Солана по вчерашните средби со либанската влада во Бејрут. Вечерва тој заминува за Израел на средби со владиниот кабинет во Тел Авив.

Финскиот премиер Ванханен во својство на претседавач со ЕУ исто ја поздрави резолуцијата на Советот за безбедност и побара итен прекин на борбите. Шефот на дипломатијата Ерки Туомиоја појасни дека ЕУ ќе даде важен придонес за предвидените мировни сили во Либан:

„ЕУ државите изјавија дека ќе учествуваат во мисијата заедно со другите меѓународни партнери и дека ќе играат важна улога.„

Ова важи особено за Франција, која е на некој начин и сила заштитничка на Либан. Покрај неа готовност изразија и Шведска, Италија, Грција и Белгија, како и земјите кои не се членки на Унијата, Норвешка, Турција и Египет. Германското учество за сега останува отворено.