1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

ЕУ - санкции против Турција поради спорот во Медитеранот?

Бернд Ригерт
10 септември 2020

На следниот самит на ЕУ ќе се рагледува листа со санкции со чија помош Турција би требало да биде поттикната да попушти во спорот околу наоѓалиштата на гас со Грција и Кипар. Ќе функционира ли тоа?

https://p.dw.com/p/3iHJ2
Türkei Erdgas Schwarzes Meer Bohrschiff Fatih
Турскиот претседател Ердоган го поздравува турскиот брод ФатихФотографија: Reuters/Presidential Press Office

ЕУ моментно во Брисел работи на листа со можни санкции против Турција, за да ја поттикне во спорните пробни дупчења за наоѓање гас во источниот дел од Средоземно Море да се ограничи на своите територијални води. Членките на ЕУ – Грција и Кипар се чувствуваат загрозени од Турција. Уште на средината на јули двете држави изнудија размислување на ЕУ околу санкции, но конфликтот натамошно ескалираше. Во меѓувреме беа одржани и воени маневри и дури се зборуваше за можна војна. Министрите за надворешни работи на ЕУ се чувствуваа принудени да дадат налог за подготовка на листа со санкции на крајот на август. За санкциите, како што истакнува ополномоштеникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, шефовите на држави или влади на ЕУ би можеле да одлучуваат на 24 септември. Тој подвлече – би можеле, а не - ќе одлучуваат, или треба да одлучуваат.

Грција и Кипар вршат притисок

ЕУ и натаму останува претпазлива. Имено, Борел има и налог за паралелни преговори со Турција заради олабавување на тензиите. Сегашното германско ЕУ-претседателство се обиде да посредува меѓу Грција, Кипар и Турција, но засега без решавачки успех. Затоа, во Европската комисија и во работните групи на Советот во кои се претставени државите-членки, и натаму се работи на листите. Грција и Кипар сакаат да спречат развлекување на процесот и, на незадоволство на Борел, го зголемуваат притисокот. Тие би се согласиле на учество во санкции против Белорусија, кои се веќе спремни на маса, само ако истовремено бидат одлучени и санкции против Анкара. Кипар отворено се закани со вето. За донесување одлука, потребна е едногласност, значи секоја држава може да го блокира одлучувањето.

Етапни санкции

Кој и што конкретно би можело да се санкционира во Турција, е доверливо прашање. Жозеп Борел навести дека не би станувало збор само за санкции протув одредени лица, туку и против фирми кои учествуваат во истражувањата на наоѓалишта на гас. „Сѐ што е поврзано со проблемот" може да биде засегнато, вели тој. Притоа, се мисли на бродовите за истражување кои се ангажирани од страна на Турција. За нив би биле затворени пристаништата во ЕУ, не би им се испорачувале резервни делови, а би можело да бидат вклучени и банките кои ги финансираат претпријатијата.

Повеќе:

И Грција и Турција ќе мора да попуштат во Медитеранот

Грција и Турција: Воен конфликт не може да се исклучи

Судирот меѓу Турција и Грција и новата реалност во Средоземјето

„Игра со оган“ на Турција и Грција

Како следна етапа во санкциите би следеле цели економски гранки во Турција, навестува Борел, „во кои турската економија е во тесна поврзаност со европската." Притоа, се мисли и на царинската унија, која овозможува речиси бесцаринска размена на стоки меѓу Турција и ЕУ. Турците одамна сакаат да ја прошират, а ЕУ сега би можела да ја ограничи. Можно би било исто така и формално прекинување на одамна развлечените пристапни преговори на кандидатката Турција со ЕУ. Австрија тоа отворено го заговара, иако останатите членки на ЕУ уште не се подготвени за таков чекор. Царинската унија и пристапните преговори би биле двете „најтешки оружја" кои би можела да ги употреби ЕУ.

Zypern Militärübung im Mittelmeeer
Ѕвечкање со оружје - и Грција и Турција одржаа воени маневри во МедитеранотФотографија: picture-alliance/dpa/Griechisches Verteidigungsministerium

Какво дејство имаат санкциите?

„Турција нема да биде исплашена ни од најголемите ‘топови'", смета меѓутоа Синан Улген од тинк-тенкот „Карнеги" од Брисел. „Во Анкара не веруваат дека ЕУ кога било би била едногласна во одлука за вакви санкции. Тоа би било контрапродуктивно". Синан Улген, надворешнополитички експерт од Турција, смета дека ЕУ е во дилема. „ЕУ мора да донесе едногласна одлука, а тоа ќе значи дека санкциите ќе испаднат прилично скромни за Турција да може да биде поттикната на промена на својот однос". Улген истакнува дека не се залага за поостри санкции, но санкции насочени против личности или фирми се речиси бесмислени, зашто ќе останат без дејство.

Германскиот министер за економија Петер Алтмајер е генерално скептичен кон нив. Запрашан околу санкции против Русија, тој за јавниот сервис АРД изјави дека не знае за ниеден случај некоја земја со вакви мерки да била принудена на промена на однесувањето. Санкциите дури водат кон заострување на политиката. Но, постојат експерти како Јанис Клуге од Фондацијата „Наука и политика" во Берлин, кои во санкциите гледаат испробано средство за долгорочно влијание врз политиката и давање сигнали.

Малку шеќерче?

„Целни санкции, а тоа можеме да го споредиме и со други ситуации, можат да имаат дејство", верува пратеникот од Зелените и нивен надворешнополитички експерт, Сергеј Лагодински. Прашање е само колку силен сигнал да ѝ се испрати на Турција, за таа во својата воинствена реторика да „ја намали брзината".

Жозеп Борел по средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ на крајот на август зборуваше и за неопходноста на Турција да не ѝ се става во вид само камшик, туку и морков, односно да ѝ се понудат позитивни стимуланси. Тоа може, на пример, да биде проширување на царинската унија доколку Анкара попушти во спорот околу гасот.

Од турски аспект, ЕУ досега имаше претежно посредничка улога, смета експертот Синан Улген. Но, таа ќе биде загубена ако се воведат санкции. Освен тоа, Турција веројатно ќе одговори со контрасанкции. Сергеј Лагодински и натаму се залага за дијалог меѓу конфликтните страни. „Во основа, не ни се исцрпени сите можности за замрзнување на ситуацијата заради наоѓање заедничко решение и праведна безбедносна архитектура во Средоземно Море". Лагодински истакнува дека треба да се размислува како ЕУ заедно со Турција да бара алтернативни извори на енергија, наместо да се потпира само на гасот. 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија