1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ прави пауза во ратификацијата на Уставот

17 јуни 2005

По француското и холандското „не„ , шефовите на држави и влади на самитот во Брисел вчера не сакаа да ризикуваат понатаму, туку се договорија да причекаат додека се смират духовите.

https://p.dw.com/p/AcEh
Даоговор на маргините на самитот: Фишер, Шредер, Балкененде и Шисел (од лево на десно)
Даоговор на маргините на самитот: Фишер, Шредер, Балкененде и Шисел (од лево на десно)Фотографија: dpa

Од таа гледна точка порано договорената временска рамка за завршување на ратификацијата до ноември 2006-та веќе не обврзува никого, порача актуелниот претседавач, Жан Клод Јункер. Сепак тој има јасна заложба:

„Процесот на ратификација мора да продолжи. Нема подобар устав од овој и нема да има нови преговори околу неговата содржина. Во земјите кои веќе го ратификуваа, како и во оние кои допрва треба да гласаат, сепак е потребно повеќе време за размислување, за појаснуивање и за дискусии.„

По Велика Британија сега и Данска и Португалија ги откажаа планираните референдуми за Европскиот устав. А за сличен чекор размислува и владата на Чешка.

Тесно поврзано со ратификацијата на Уставот е и прашањето на проширувањето на ЕУ. Јункер посочи дека Унијата ќе ги исполни веќе преземените обврски кон Романија и Бугарија:

„Договорите за пристапување се потпишани. Нив ќе ги почитуваме во потполност, што значи дека Романија треба на време да ги исполни сите обврски!„

Што се однесува до почетокот на преговорите за членство со Турција, Јункер изјави дека мнозинството учесници на самитот е на мислење оти ЕУ мора и овде да ги исполни веќе преземените обврски.

На 25-те шефови на држави и влади значително повеќе главоболки вчера им причинуваше спорот околу финансискиот план на ЕУ од 2007 до 2013-та. Клучниот јазол е одбивањето на Велика Британија да се откаже од барем дел од попустот при уплаќањето во заедничките каси. Компромисниот предлог на луксембуршкото претседателство за замрзнување на попустот на сегашното ниво од 4,6 милијарди евра се до 2013-та, наиде повторно на неприфаќање:

„Ние сите сметаме оти треба подобро да погледаме како се распределуваат средствата од буџетот. Ние јасно ставивме на знаење дека давачките мора да бидат значително намалени. Ако сакаме реформа на буџетот, тогаш мора да ги реформираме и давачките во агарниот сектор„ – порача шефот на британската дипломатија Џек Стро.

Лондон и понатаму критикува што дури 40% од вкупниот буџет на ЕУ оди на аграрни субвенции. Но, Франција, која користи цели 20 проценти од вкупно 40-те милијарди евра годишно за поддршка на земјоделците, не сака да попушти ни за цент. Така фронтовите околу финансискиот Гордиев јазол за сега даваат мала надеж за пробив.