1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ се подготвува за иднината

18 јуни 2010

Лидерите на ЕУ на вчерашниот самит во Брисел се договорија да ја зголемат буџетската дисциплина и транспарентноста во работењето на банките за да ја одбранат зоната на еврото, пред се‘ поради кризата во Шпанија.

https://p.dw.com/p/NuAC
Фотографија: AP

За да извлечат поука од должничката криза која ја погоди Европа, челниците на Унијата поставија темели за заедничка економска политика со која треба подобро да се координираат националните политики.

„Оваа одлука ќе обезбеди пофер дистрибуција на товарот, што се однесува до трошоците од финансиската криза. Дополнително, ќе го направи и финансискиот систем постабилен“, изјави претседателот на Унијата, Херман Ван Ромпој.

Казни за буџетските „грешници“

Предивидени се санкции за оние земји кои ќе ги кршат правилата за буџетската дисциплина, но истовремено и награди за оние кои ќе играат според правилата. Од 2011 година, во институциите на Унијата ќе се разгледуваат предлозите на националните буџети, но не беше прифатен германско-францускиот предлог, на земјите кои се однесуваат неодговорно да им се укине правото на глас во европските институции.

Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека е многу важно што не дошло до внатрешни поделби во Унијата во однос на зголемената контрола.

Belgien EU Gipfel Juni 2010
Лидерите на ЕУ во БриселФотографија: AP

„На сите им беше јасно, и беше поддржано, дека ова мора да се спроведе на ниво на 27-те земји членки“, рече Меркел.

Европските лидери усвоија и стратегија за постојан економски раст и отворање работни места „Европа 2020“, со која меѓудругото се предвидува и намалување на бројот на сиромашните за 20 милиони луѓе.

Построги санкции кон Иран, Естонија нова членка на еврозоната

Претходно, првите луѓе на Унијата се договорија за дополнителни санкции против Иран поради нуклеарната програма. Донесени беа и две важни одлуки за иднината на Унијата. Од 1 јануари следната година, Естонија ќе стане 17-от член на еврозоната со воведување на еврото, додека во меѓувреме ќе започнат и пристапни преговори со Исланд.

„Ова е многу важен чекор. Се радувам што дојдовме до овој дел од придружниот процес. Ние сме веќе интегрирани во многу сектори на Унијата“, изјави исландскиот амбасадор во Брисел, Штефан Јоханесон.

Се очекува Исланд да стане полноправна членка на Унијата до 2013 година.

Автор: БГ/ ЕМФ/Сузане Хен/афп/бета

Редактор: Жана Ацеска