1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ си постави амбициозни цели за заштита на климата

Зоран Јордановски9 март 2007

На самитот во Брисел се прифатени предлозите врз кои опстојуваше Германија. Пофалби за Ангела Меркел за издејствуваната согласност

https://p.dw.com/p/Abyf
Ангела Меркел претседаваше со самитот
Ангела Меркел претседаваше со самитотФотографија: AP

Во борбата против заканувачката промена на климата емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на оранжерија треба во ЕУ до 2020-та година да бидат за 20 проценти намалени во однос на состојбата од 1990-та. Истовремено треба за една петина да се наголеми користењето енергија од обновливи извори – силата на водата и воздухот, сончевата енергија, како и био-масата. Околу овој заклучок долго се расправало на самитот на шефови на држави или на влади во Брисел и германскиот канцелар Ангела Меркел, која за прв пат раководеше со седница на Советот на Унијата, може усвојувањето себе си да си го припише како успех.

Целите се задолжителни. Доколку мерки за заштита на климата преземат и други големи стопански блокови во Азија и Америка, тогаш Европејците се подготвени испуштањето штетни гасови во атмосферата да го редуцираат дури за 30 насто.

“Отворивме сосем нова врата. Ова е квалитативен пробив. Тоа ќе ја обезбеди иновативната способност” – прокоментира Ангела Меркел. Претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо резултатите на самитот ги оцени како “историски успех” и нагласи дека Унијата во тој поглед е предводник во светот. Комисијата до есен треба да поднесе предлози колкав треба да биде придонесот на секоја поединечна земја-членка кај зголемувањето на уделот на обновлива енергија. На секоја земја и’ е препуштено да реши дали ќе користи атомска енергија.

Францускиот претседател Жак Ширак ги поздрави решенијата на самитот и за успехот во преговорите и’ се заблагодари на Ангела Меркел. “Госпоѓа Меркел го направи тоа со интелигенција и елеганција”, рече Ширак. “Ова беше важен самит кој го трасира патот” – оцени британскиот премиер Тони Блер. Задоволен е и шпанскиот премиер Хозе Луис Родригес Сапатеро: “Шпанија сега е водечка во Европа во областа на чисти енергии и ние и натаму полагаме врз истражувања и инвестирање на тоа поле. Заедно со Германија спаѓаме меѓу најважните во областа на користење на енергијата на ветрот”.

Спротивно расположение кај полскиот претседател Лех Качински: “Полска во моментов располага со малку обновливи извори на енергија, кои сочинуваат само пет проценти од вкупната енергија. Од агол на Полска, која штотуку започна да ја интензивира работата и сака да го достигне просекот на ЕУ, амбициозните европски планови за наредните години се неостварливи”.