1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ стигна на границите на БиХ

Самир Хусеиновиќ/ Симе Недевски2 јули 2013

Од вчера 1. јули 2013 година, на границата меѓу Хрватска и БиХ се вее и знамето на ЕУ. Тоа е границата која босанските граѓани до завчера ја преминуваа само со лична карта, а денес им требаат биометриски пасоши или визи.

https://p.dw.com/p/18zTN
Фотографија: Reuters

Аналитичарите тврдат дека ова не е историски датум само за Хрватска, која е сега рамноправна членка на ЕУ, туку и за Босна и Херцеговина која се наоѓа на крстопат. Оваа земја сега може забрзано да тргне кон патот на европска интеграција или во тој процес може и натаму да назадува.

Политичкиот аналитичар и експерт за прашања за европски интеграции Зекеријах Смајиќ смета дека БиХ, ако остане на сегашениот курс, наскоро би можела да биде изолирана држава. „Мислам дека тоа ќе создаде уште поголеми фрустрации во Брисел, а би се појавило и ново незадоволство во БиХ, фрустрација на граѓаните поради заостанување во секој поглед и, секако, будење на социјални немири и се' друго што произлегува од тоа“, вели Смајиќ за ДВ.
Засега не постои индикација дека политичката елита во БиХ би можела да направи пресврт во процесот на евроинтеграција. Се чини оти ни ЕУ во овој момент нема посебна стратегија за БиХ.

Kroatien EU Beitritt
Фотографија: Dimitar Dilkoff/AFP/Getty Images

ЕУ врти нова страница во односите со БиХ?

„Кога е во прашање БиХ, во Брисел може да се очекува вртење на нова страница, заострување на курсот на европската администрација и одлука во однос на Сараево и преземање некои мерки кои би можеле да се сметаат за санкции“, вели Смајиќ.
Европската комисија неодамна суспендираше 5 милиони евра од ИПА фондовите за земјоделство, што е катастрофална мерка која ги погодува само граѓаните на БиХ, првенствено оние кои живеат од земјоделство. Смајиќ вели како сега во Брисел се бараат поконкретни механизми.
„Всушност, се бараат механизми кои целно ќе ги погодат оние кои се главни кочничари на европската интеграција. Во тој контекст повторно се размислува за евентуално активирање на бонските овластувања на високиот претставник за БиХ и се' она што би можело конечно да ја разбуди земјата и да ја направи нејзината администрација поефикасна“, вели Смајиќ.

Влезот на Хрватска во ЕУ не ги решава отворените прашања со БиХ

Но, со влезот на Хрватска во ЕУ не се решени отворените прашања со БиХ. Во БиХ е изразена загриженост дека ЕУ сега би можела јавно да ги застапува хрватските интереси во идните преговори за граничните и другите прашања.
Политичкиот аналитичар од Загреб, Давор Ѓенеро верува дека, поучена од искуството со Словенија, Хрватска нема да биде пречка за европските интеграции на БиХ.
„Важно е дека постигнатиот договор Плоче-Неум, е договор кој го прифаќа и ЕУ, така што на БиХ и‘ е осигуран пристапот кон отворено море со пристаништето Плоче што е единствен рационален начин на пристап на БиХ кон отворено море, а на Хрватска и‘ е осигурана врската помеѓу дубровничкиот регион и остатокот на Хрватска со неумскиот регион, што е единствен рационален начин за поврзување на Хрватска“, вели Ѓенеро за ДВ.
За разлика од БиХ, останатите држави од западен Балкан напредуваа во процесот на европски интеграции. Давор Ѓенеро тврди дека, покрај политичката елита во БиХ, одговорноста за таквата состојба ја има и ЕУ која навреме не го сфатила значењето на консолидацијата на БиХ, онака како што го сфатила проблемот на односите меѓу Косово и Србија.

Ефекти од договорот Белград-Приштина

„Договорот меѓу Белград и Приштина како и најавениот почеток на преговорите на Србија со ЕУ се добри вести за БиХ затоа што во новите околности Белград ќе мора да го стори тоа што го направи Загреб во 2000. година испраќајќи порака до босанските Хрвати. Значи, Белград ќе мора на Србите во БиХ да им прати јасна порака дека Сараево е нивен главен град и оти во Сараево, а не во Белград, ќе мораат да ги решаваат своите проблеми“, вели Ѓенеро.
Аналитичарите тврдат дека новите политички околности ќе влијаат и врз економските услови во регионот. Со влезот во ЕУ Хрватска излезе од ЦЕФТА, така што БиХ повеќе не е обврзана кон својот западен сосед да го применува Договорот за слободна трговија, освен ако моќните политички кругови од Брисел не наметнат поинакво решение.

Grenzübergang Kroatien Bosnien
Фотографија: Emir Musli