1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ештон: нема повеќе услови за Србија

БГ/миа10 јули 2013

Високата претставничка на ЕУ Кетрин Ештон во Белград изрази задоволство од исполнетите услови на Србија. Српскиот премиер Дачиќ очекува неговата земја да биде следната членка на ЕУ.

https://p.dw.com/p/194q9
Фотографија: MacInnes Photography /Department of the Taoiseach via Getty Images

Високата претставничка на ЕУ Кетрин Ештон му оддаде признание на српското раководство во донесувањето тешки одлуки и соочувањето со големите политички предизвици, што, како што истакна, резултирало со едногласна одлука на членките на ЕУ да отворат преговори со Србија без нови услови. Ештон изразила задоволство и од тоа што Србија веќе ги почнала подготовките за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

„Тоа е процес полн со предизвици и затоа е добро да се види дека Србија се подготвува. И ние ги почнавме подготовките, Европската комисија работи на подготовката на рамката за преговори и се подготвува да ја претстави на државите членки“, рече Ештон по состанокот со српскиот претседател Томислав Николиќ, премиерот Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вучиќ. Ештон истакна дека одлуката да се отворат преговори со Србија е историска.

„Сиот тој труд (на раководството на Србија) го потврди секоја членка на ЕУ со едногласното донесување на одлуката за отворање на пристапните преговори. Оваа одлука е донесена без какви било нови услови“, нагласи високата претставничка на ЕУ.

Дачиќ по разговорите кусо изјави дека очекува Србија да биде следната нова членка на ЕУ.