1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жените и натаму без релевантна општествена моќ

8 март 2006

Во ерата на глобализација, трка по профит и растечки општествени разлики, неопходен е „женски поглед„ на реалноста - смета Улрике Маст Киршнинг во наредниот коментар.

https://p.dw.com/p/Ac8K
Што можат навистина да сменат оние кои се на врвните позиции? Германската канцеларка Ангела Меркел
Што можат навистина да сменат оние кои се на врвните позиции? Германската канцеларка Ангела МеркелФотографија: AP

Од пред неколку месеци Германија, Либерија и Чиле имаат нешто ново заедничко: на чело на нивните влади се наоѓаат жени. Тоа не значи дека овие три држави и жените што ги раководат можат непосредно да се споредуваат, но она што им е заедничко тоа е фактот што тамошната јавност поврзува големи надежи со овие три жени. Тие и уште 8 нивни колешки на највисоката државничка функција ширум светот, имено, треба да донесат напредок во политиката на оние полиња, каде нивните машки претходници не се покажаа многу успешни.

Покрај 11-те жени на чело на држави и влади, жените се застапени и во парламентите. Во светски просек 16% од сите пратеници се од женски пол. Толку немало никогаш порано! Значи ли тоа сега дека на патријархалните општествени структури конечно им доаѓа крајот? Дали надминувањето на дискриминацијата на жените во сите нејзини форми е само уште прашање на време? Дали жените сега можат слободно да се вклучат во формирањето на политичката волја во земјите во кои жиеват?

Многу прашања и само еден, поразувачки одговор – НЕ! Што се 16% во однос на добрата половина од вкупното општество? Освен тоа застапеноста на жените во парламентите за последниве 30 години е порасната само симболички: не повеќе од 5% изнесува стапката на пораст на нивниот број. Во најголемиот дел од закондоавните домови жените се под критичната граница од 30%, преку која експертите сметаат дека нивното влијание во општеството би станало реално. Дури кога ќе биде постигната оваа критична маса на жени во пратеничките клупи може да се очекува пресврт во досегашната практика на себична распределба на моќта меѓу мажите во потесни кругови.

Ако го свртиме погледот кон стопанството, ќе видиме дека ни таму ситуацијата не е многу подобра. И понатаму многу поголем процент мажи се вработени, отколку жени. Ако и најдат некаква работа, жените имаат многу помало влијание, а за иста работа дури се и помалку платени од нивните машки колеги. Бројот жени на повисоките скалила на хиерархијата во претпријатијата се зголеми, но на врвните позиции, каде се носат најважните одлуки, и понатаму топ-менаџерите остануваат најрадо во машко друштво. За пример, во Германија само 4% жени седат на врвни раководни позиции во претпријатијата што излегле на берзата.

Дали жените на високи раководни позиции во помала мера ќе водат сметка исклучиво за интересите на капиталот, отколку нивните машки колеги и дали повеќе ќе се интересираат за човечките аспекти на деловното работење – тоа не е научно докажано. Но, во времето на брзо подвижниот капитал, кој е алчен по повисоки дивиденди и профити, во времето на растечки социјални разлики, „женскиот поглед„ на општествените текови е посебно потребен. Поглед што многу повеќе ќе води сметка за праведната распределба на општествените сили, на трудот, на приходите, така што децата ќе имаат подобра животна перспектива. Во ерата на глобализација, на акутни политички и економски кризи, продолжувањето на сегашните патријархални општествени структури во секој случај преставува непредвидлив ризик!