1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жени и новинари меѓу притворените по протестите во Каиро

Александар Методијев /афп/дпа5 мај 2012

Египетското воено обвинителство нареди притворање на 300 лица поради вчерашните смртоносни судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите во Каиро. Приведените се обвинети за напад врз безбедносните сили.

https://p.dw.com/p/14qZj
Фотографија: DW

„300 лица, вклучувајќи и петмина новинари ќе бидат задржани 15 дена за време на истрагата“, информираше извор од египетската војска. Во вчерашните насилства пред министерството за одбрана загинаа две лица, а најмалку 300 беа повредени. Истиот извор додава дека можни се и дополнителни апсења во текот на денот.

Ägypten Kairo Protest Tahrir Platz Wahl Präsidentschaftswahlen 2012
Протестите, организирани против исклучувањето на претседателски кандидати од изборите, завршија со насилствоФотографија: Reuters

Меѓу 300-те уапсени лица има и 16 жени. Од Фронтот за одбрана на египетските демностранти, група формирана од адвокати-волонтери, информираат дека само едно девојче е ослободено, затоа што е на 14-годишна возраст. Другите 15 жени добиле 15-дневен притвор. Сите приведени лица се обвинети за напад врз безбедносните сили, нарушување на јавниот ред и јавниот транспорт.

Едно од двете загинати лица е воен регрут, кој загинал од прострелни рани во стомакот. Египетските трупи користеа водени топови, солзавец и боева муниција за растерување на демонстрантите и нивно спречување да упаднат во министерството за одбрана.

Протестите се случија на три недели пред одржувањето на претседателските избори во Египет, а причината за нивното организирање е исклучувањето на познати политичари од претседателската трка. Уличните пресметки ги зголемија стравувањата за нов бран насилство пред изборот на Претседателот, кој треба да седне во испразнетата фотелја, откако Хосни Мубарак беше соборен од власт пред повеќе од една година.

Ägypten Unruhen in Kairo Verteidigungsministerium
Во насилството загинаа две лицаФотографија: dapd

Вчерашните (04.05) протести на плоштадот Тахрир, епицентарот на минатогодишната побуна на народот, ги предводеа тврдокорните исламисти, бидејќи нивниот кандидат за претседател на земјата беше отстранет од изборната трка.

Комитетот за заштита на новинарите информираше дека во изминатите три дена најмалку 18 новинари биле нападнати, повредени или приведени додека известувале за судирите во Каиро.