1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Женска ромска група „Pretty Loud“ - храбри и самостојни

Милица Нешиќ
19 декември 2020

Шест Млади Ромки од Белград и шест од Ниш имаат направено група за нивната желба за рамноправност да се слушне што подалеку. „Pretty Loud“ е не само женска музичка група, туку и важен општествен проект.

https://p.dw.com/p/3mf5R
Serbien Belgrad | Pretty Loud Band
Фотографија: Ilmarfotostudio

„Сакаме да покажеме дека жената може да биде храбра, силна, самостојна и може сама да носи одлуки“, рече 19-годишната Живка Ферхатовиќ. Таа е Ромка од Белград и е една од членовите на бендот „Pretty Loud", кој постои од 2014 година. Неговите членови имаат помеѓу петнаесет и дваесет и седум години.

Секоја девојка која сака да се бори за правата на жената и која преку музика сака да им биде поддршка на жените, може да биде дел од нашата група “, вели Живка Ферхатовиќ за ДВ. Таа е во групата веќе четири години.

Слобода да се прави што сакаш ти, а не што сакаат другите

„Pretty Loud“, велат членките на бендот, е создадена со цел на младите Ромки да им овозможи еднакви права и слобода. „Жените во ромската традиција немаат право на глас и приморани се да прават работи против својата волја", вели 27-годишната Злата Ристиќ. Но, членките на бендот го прават она што го сакаат: пеат, танцуваат и патуваат!

„'Pretty Loud' се бори за сите жени на овој свет, не само за Ромките. Се бориме жените да имаат поголема самодоверба. Сакаме да веруваат во себе и да не се сомневаат дека тоа што го прават не е добро и дека нема да се исплати“, додава Силвија Синани.

Музичката програма на бендот е комбинација на поп и рап звук со традиционална ромска музика, а песните се напишани на три јазици: ромски, српски и англиски. Во своите текстови тие се занимаваат со прашања како што се детските бракови, или нееднаквоста на жените и мажите.

Serbien Belgrad | Pretty Loud Band
Сакаме да покажеме дека жената може да биде храбра, силна, самостојна и може сама да носи одлуки, велат девојките од „Pretty Loud“Фотографија: Daniel Ibraimovic

Помош и поддршка од сите страни

Младинската организација „Schüler Helfen Leben“ (Учениците помагаат) од Берлин ја поддржува работата на групата веќе три години. Средношколци од цела Германија избираат каде да работат еден ден и својата дневница ја донираат на организацијата, која финансира избрани проекти во Источна Европа.

Важноста на нивната мисија ја препозна и принцезата Јелисавета Караѓорчевиќ, која ги покани да настапат на нејзината изложба „Долго патување дома“.

Најголемиот успех на бендот досега е учеството на фестивалот „Жени на светот“ во Лондон годинава. „Ни беше чест да настапиме пред толку многу луѓе, на толку голема сцена“, вели гордо Силвија Синани, истакнувајќи дека „Pretty Loud" е многу повеќе од само бенд за себе: „'Pretty Loud' е семејство, психолог, доктор за љубов. Пред се', секогаш сме тука едни за други и ми се допаѓа тоа што меѓусебно се охрабруваме.“ Таа признава дека, сепак, колку и да е работата во една толку голема група девојки предизвикувачка и забавна, таа знае да биде и исцрпувачка.

Од улица до училници

Групата „Pretty Loud“ постои благодарение на фондацијата ГРУББ. Првиот ГРУББ-центар е отворен во 2006 година во Ниш, а подоцна и во Белград. Организацијата претежно работи во Србија со ромски деца и млади. На самиот почеток, повеќето учесници биле момчиња, додека, благодарение на активното охрабрување на девојчињата да се вклучат, денес тој однос е речиси 50:50.

Долгорочна цел на проектот е мажите и жените Роми да се интегрираат во општеството, да се образуваат и подоцна да најдат работа. Во своите центри во Србија, ГРУББ работи со околу 500 ромски деца на возраст под осумнаесет години - им обезбедува дополнителна настава по сите училишни предмети, а организира и работилници за танц и музика, како и секции за креативно пишување и фотографија.

„GRUBB има за цел да ги тргне децата од улиците, тие имаат место за престој и учење. Ние сакаме да го смениме начинот на кој луѓето размислуваат за Ромите и да покажеме дека Ромите се образован “, вели Живка Ферхатовиќ.

Serbien Belgrad | Pretty Loud Band
Најголемиот успех на групата „Pretty Loud“ досега е учеството на фестивалот „Жени на светот“ во Лондон Фотографија: Daniel Ibraimovic

Во центрите на фондацијата работат и Роми и не-Роми наставници, а воспоставена е соработка со многу основни и средни училишта во Белград. ГРУББ беше добитник на првата награда на Европската комисија за најуспешен проект во Србија што ја поттикнува интеграцијата на Ромите во 2017 година.

Покрај бројните проекти, ГРУББ има и свој мјузикл креиран од млади Роми, заедно со меѓународно признати уметници. Настапувале во САД, Канада, Велика Британија, Франција и Холандија. Целта им е да сее слушне нивниот глас надвор од границите на државата, а ги предводи светски познатиот режисер Серж Денонкур. Целиот приход од нивните настапи е наменет за финансирање на едукативни и уметнички активности на центрите ГРУББ.

„За нас, ГРУББ е едно големо семејство“, нагласува Силвија Синани.

Повеќе:

Двојна дискриминација на Ромките

ЕУ: Не се успеа со рамноправноста на Ромите

Ромите се посебно на удар кога општествата се поларизираат

Борба за идните генерации

Според студијата „Ромите во Србија“, помалку од 23% од вработените членови на ромската етничка заедница се жени. Истата студија наведува дека во 2011 година, од вкупно 56.237 жени Ромки во Србија, неписмени биле речиси 12.000. Пописот од истата година покажува дека само 3.510 Ромки завршиле средно училиште, додека кај мажите Роми тој број е 8.042.

Сите овие информации само потврдуваат колку е важно она што го прават девојките од групата „Pretty Loud“. Затоа Силвија Синани вели дека својата иднина ја гледа како борба за идните генерации жени: „За своите деца, внуци…“