300611 Libanon UN
2 јули 2011Обвинителните акти и потерниците пристигнаа во Бејрут, но за сега нивната содржина не и’ е позната на јавноста. И така неотворени тие предизвикаа голема бура во јавноста и ги зголемија тензиите меѓу ривалските политички движења.
Воено-политички најсилната организација во земјата, шиитската организација Хезболах, ги отфрла актите како завера на западно-ционистичките сили. Движењето на поранешниот либански премиер Рафик Харири, пак, ги слави обвинителните акти на меѓународниот трибунал како важен сигнал за владеењето на правото:
„Трибуналот има огромно значење. Во овој дел на светот се убива без последици. Правдата овде е нов поим, но ние сакаме таа да дојде во Либан“, порачува Фарис Сајед.
Атентат што го потресе светот
Рафик Харири загина во атентат во февруари 2005 година, кога врз колоната автомобили во која се наоѓаше тој беше извршен бомбашки напад. Со него загинаа уште 22 лица. По атентатот прво одговорноста и’ се префрлаше на Сирија, на која не и’ одговараше про-западната ориентација на Рафик Харири. Но, докази во таа насока не можеше да се најдат. Сепак масовните протести против сириското влијание доведоа до повлекување на сириските војници од Либан и тоа по цели три децении присуство.
Потоа за атентатот се обвинуваше Хезболах, кој како шиитска организација добива поддршка од Сирија и од Иран, а западните земји ја имаат ставено на списокот терористички групации. Хезболах постојано ја отфрлаше не само одговорноста за убиството на Рафик Харири, туку поради создавањето на меѓународниот трибунал ја напушти владата, што ја преводеше неговиот син Саад. Али Хамдам, од движењето Амал, на кое му се припишува блискост со Хезболах, оценува:
„Тоа не значи дека Либанците не сакаат да знаат кој е виновен за смртта на Харири. Туку тие ја загубија довербата во истражната постапка, откако меѓународните медиуми почнаа да шират еднострани обвинувања.“
Владата воздржана
Хезболах повторно е застапен во актуелната влада во Бејрут, а премиерот Наџиб Микати, при примањето на долго очекуваните обвинителни акти изјави:
„Со оглед на сериозната ситуација треба да го сочуваме мирот и да дозволиме да надвладее разумот. Што е најдобро за нас? Либенците не би требало да им дадат шанса на непријателите на земјата!“
Оваа изјава на технократот од сунитско потекло, кој со поддршката на Хезболах дојде на премиерското место, на кусо значи: владата на Либан нема да го поддржи меѓународниот трибунал!
Автор: Улрих Лајтхолд / Горан Чутаноски
Редактор: Симе Недевски