1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Живееме во постојан страв“

Нина Амин (ард)/дпа/Е.М.Фиданоска13 јуни 2014

Жителите на Багдад се во сѐ поголема паника поради брзото напредување на џихадистите кон главниот град. Американците размислуваат дали да интервенираат воено. Цената на нафтата поради кризата во Ирак - расте.

https://p.dw.com/p/1CHg2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Луѓето во Багдад се снабдуваат со зеленчук, ориз и вода поради страв од она што би можело да ги снајде во наредните денови. Се плашат од милитантните исламисти кои се на пат кон главниот град. „Состојбата е сѐ полоша. Стравуваме за безбедноста на нашите деца. Слушнавме дека цените на храната растат, но не знаеме зошто. Живееме во постојан страв“, вели Ум Мустафа купувајќи прехранбени производи на еден од пазарите во Багдад.

Стравот не е неоснован. Ирачките медиуми известуваат за борби меѓу безбедносните сили и исламистите, на само 60 километри северно од ирачкиот главен град. Портпаролот на терористичката група Исламска држава во Ирак и Левант (ИДИЛ), Абу Мохамед ал-Аднан, во аудио порака повика да се тргне кон освојување на Багдад. Терористичката група ИДИЛ во текот на изминатите денови покажа колку е сериозна во своите закани. За само неколку дена се освоени големи делови од Ирак. Според хуманитарните организации, во бегство се околу еден милион луѓе.

Flüchtlinge im Irak
Во бегство се околу еден милион луѓе, соопштија хуманитарните организацииФотографија: picture-alliance/dpa

Ирачкиот премиер Нури ал-Малики се чини е беспомошен во однос на исламистите. Вчера (12.06) не му успеа обидот да воведе вонредна состојба во земјата. Парламентарната седница на која требаше да биде донесена ваква одлука ја бојкотираа пред сѐ сунитските и курдските пратеници. Тие не се ни појавија во парламентот, зашто како многумина други Ирачани, не сакаат да му даваат на Малики поголеми овластувања. Тие стравуваат дека тој потоа веќе нема да сака да се откаже од нив. Шиитот Малики пречесто ги дискриминираше сунитите во земјата, а тоа беше поттик за екстремизмот. На тој начин само јакнеа милитантните исламисти во Ирак кои се сунити.

Ќе се вмеша ли Вашингтон?

САД не исклучуваат можност да интервенираат во Ирак поради напредувањето на исламистите. Претседателот Барак Обама изјави дека на Ирак му е потребна дополнителна помош и дека тој не исклучува ниту една опција во размислувањата за американска реакција. Обама подвлече дека екстремистите мора да бидат запрени.

F-16 Jet
Фотографија: picture-alliance/dpa

САД повлекоа повеќе стотини Американци од една ирачка воздухопловна база северно од Багдад, јави телевизијата Фокс Њус повикувајќи се на неименуван претставник на владата. Американците таму ги обучувале ирачките безбедносни сили за акции со борбени авиони и беспилотни летала.

Русија офанзивата на ИДИЛ ја оцени како „исклучително вознемирувачка“. „Цинично“ е теророт во Ирак да се опишува како последица на сириската криза, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва. Според Лавров, Вашингтон и Лондон се соодговорни за актуелната ситуација: „Не можеме да се радуваме што авантурата на Американците и Англичаните во Ирак нема добар крај“, рече тој вчера (12.06).

Пазарот на нафта „не дише“

Кризата во Ирак предизвика вознемиреност на пазарот на сурова нафта. Цената на нафтата се зголемува и во текот на денешниот ден. Изутрината барел нафта од типот Брент чинеше 23 центи повеќе во споредба со вчера, додека нафтата од типот ВТИ дури 50 центи повеќе. Вчера цената на нафтата доживеа голем скок поради несигурната состојба во Ирак. Доколку се случи земјата да не може да испорача поголем дел од нафтата што вообичаено ја испорачува, тоа тешко ќе може да се компензира, што значи цените можеби ќе се зголемуваат и натаму.