1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

„Живееме во целосно поделено општество“

Дуња Драгојевиќ-Керстен
15 февруари 2017

На Берлиналето премиера имаше македонскиот филм „Кога денот немаше име“. Со режисерката Теона Стругар Митевска во Берлин разговаравме за македонското општество, насилството, етничките тензии и улогата на татковците.

https://p.dw.com/p/2XagI
Berlinale Film When the Day Had No Name
Фотографија: DW/D. Dragojevic

Многу познавачи на Берлиналето тврдат дека во секцијата Панорама на берлинскиот филмски фестивал, кој е еден од трите најголеми и најзначајни во светот, може да се видат многу подобри филмови отколку во натпреварувачката програма. И, за тоа имаат многу уверливо објаснување: трката по „Мечките“ е резервирана пред сѐ за филмови со режисери и ѕвезди кои со многу помпа и реклама ќе прошетаат по црвениот тепих. Зашто по тоа (за жал) се мери одекот на фестивалот, тоа ги привлекува медиумите, како и филмаџиите. Панорама, пак, се обидува да даде пресек на стварноста во различни делови на светот и за македонската кинематографија е голем успех што меѓу 50-те одбрани филмови годинава се најде филмот на Теона Стругар Митевска, кој се занимава со македонската стварност. Со режисерката во Берлин разговаравме за работата на филмот и проблемите во македонското општество.

ДВ: Идејата за филмот се роди од инцидентот кој се случи на Смилковско езеро. На почетокот на филмот ѝ давате на знаење на публиката дека ова не е приказна за момчињата кои таму настрадаа. Која е поврзаноста помеѓу тие момчиња и вашиот филм? Кој аспект Вас ве интересираше?

Теона Стругар Митевска: Кога почнав да го пишувам сценариото ми беше важно ова да не биде документарен филм, да не е репортажа или 'инвестигација' за тоа кој, кого, што... Важно ми беше да зборувам за некои млади луѓе и некои животи изгубени без потреба. Мислам дека тој аспект од целата приказна најмногу ме погоди емотивно и ја искористив смртта на овие невини животи како претекст да зборувам за нешто подлабоко, за нашето општество, за социјалниот културолошки, политички аспект и опкружување, каде овие млади луѓе функционирааат, каде што пораснале, каде што живеат.

Во филмот вашите ликови се груби, агресивни и насилни во сите односи: едни кон други, кон своите пријатели, девојки... Од каде доаѓа таа агресија, таа грубост?

Мислам дека глобално живееме во многу, многу груб свет. Насилството помеѓу нас е можеби поголемо од кога било досега, не зборувам само за Македонија и Балканот. Зборувам за светот во кој денеска живееме и мојата теза е дека насилство продуцира насилство. Значи како можеме да создадеме подобра иднина за сите нас, за човековиот род пред сѐ, ако на младите генерации сѐ што им нудиме е насилство? Има различни видови насилство. Насилството во оваа приказна е пред сѐ начин на кој овие млади луѓе се поврзани, на кој функцирааат, кој е доста насилен. На пресот зборував за Хана Арент и нејзината теза за баналноста на злото како насилство. Кога си опкружен со насилство и си во таква средина, насилството станува норма и не знаеш ниту како поинаку да се однесуваш. Мислам дека тоа е трагично. Мора да најдеме друг начин на функционирање за да одиме напред, мора нешто да промениме.

На Балканот имаше многу повеќе насилство, многу долго време во историјата... Дали мислите дека во Македонија и на Балканот тоа е различно од ситуацијата, грубоста која се случува во Германија? Колку се тие момчиња слични на овие?

Мислам дека зависи како го дефинираш насилството. Мислам дека ние сме пофизички во однос на тоа како се изразуваме. Но, постои насилство на зборови, на некажаното. Мислам дека живееме во многу чуден момент од човечката историја.

Кога човек го гледа Вашиот филм му паѓа в очи дека постојано се споменуваат татковците, но нив во филмот ги нема. Зошто ги нема татковците и зошто постојано се споменуваат?

Бидејќи тие се поврзани со таа некоја традиција, нешто што е претходно поставено и од кое треба да избегаме... Не да избегаме од нашите татковци, но да создадеме, да реконстурираме нешто ново. Значи тоа што функционирало. Тие за мене се минатото. И лично јас, како жена која има израснато на Балкан, значи сите тие стереотипи, тие односи, поставени норми машко-женско, како жената функционира, како мажот  - сето тоа за мене е голем хендикеп.

Се гледа дека и ликовите во Вашиот филм и сами не се сигурни во тие стереорипи. И дека малку по малку, во ситуацииите кои им ги носи животот, ги преиспитуваат. Каде е крајот на тој маѓепсан круг? Како да се оттргнеме од тие стереотипи за да можеме да продолжиме напред?

Не знам каде е крајот. „Пред дождот“ на некој начин ја третира истата тема. Тој филм беше пред 18 години мислам. Значи 18 години подоцна, кога ќе погледнеш како работите функционираат ништо не е сменето. Но, не е точно. Мислам дека е многу сменето и кога човек би имал можност да зборува со овие млади луѓе, мислам дека почнуваме да се преиспитуваме и да си ги поставуваме вистниските прашања: Кој сум јас? Што сум јас? И како можам да излезам од овој маѓепсан круг? Не знам како... Мислам - секој на свој начин. Секој чекор по чекор, на свој посебен единствен начин може да направи нешто нанапред.

Еден Ваш лик, девојка во филмот, вели дека иднината на Балканот е во жената. Дали може тоа е решението, повеќе жени на позиции на моќ?

Berlinale PK Film When the Day Had No Name
Дел од екипата која работеше на филмот „Кога денот немаше име“ во Берлин, 14 февруари 2017Фотографија: Getty Images/P. Le Segretain

Дефинитивно мислам да. И кога ќе речам повеќе жени на позиција на моќ не мислам, не верувам дека е само прашање на жени, жени, жени... Туку едноставно се работи за поинакво размислување, поинаков поглед. Што е важно? Не се важни пари, не е автомобилот важен. Важна е љубовта, важно е да бидеш човек и да придонесеш за својата средина. Тоа е основата на животот.

Мораме да се свртиме кон самите себе.. На Балканот индивидуалната вредност се вреднува преку твоите материјални добивки што е тотален апсурд. Дали жените имаат повеќе 'филинг' за тоа и дали ќе го понесат светот повеќе во тој правец? Можеби да, јас навистина верувам.

Допревте многу болни теми за Балканот и ја допревте темата за етничките тензии на Балканот. Меѓутоа, мене од филмот ми се чини дека и тие етнички тензии помеѓу Македонците и Албанците се некој научен стереотип кој се презема како сѐ останато.

Дефинитивно се капеме во апсурди. Живееме апсурди. Научени сме и ги учиме новите генерации да се мразат. Да немаат толеранција кон некој што е од друга религија или од друг етникум. Тоа е апсурд и сето тоа се некои поставени норми на однесување и никој не поставува прашања во однос на тоа. Што тоа значи? Зошто да не можам да бидам пријател или да бидам заљубен во некој Албанец или Турчин? Во Македонија тоа е страшно. Ние со години живееме во едно општество кое е целосно поделено. Албанците живеат на една страна, Македонците живеат на друга страна... Не знам кон што тоа води.

Главните ликови во филмот се актери-аматери. Зошто Ви беше важно да работите со аматери, а не со млади актери студенти?

Главната причина е возраста. Навистина не е можно да се најдат 15-16-17 годишници кои веќе се занимаваат со глума. Мене ми беше важно да работам со натуршчици, луѓе кои не знаат. Можеби на некој начин е револт кон.. Не велам дека имаме лоши актери. Има добри актери. Но мислам дека глобално преглумуваме, да бидам искрена... Да го скршиш тоа кога работиш со актер кој има техника и години искуство, ти требаат три месеци минимум само да го вратиш наназад, кон сржта. Со овие деца кои немаат искуство е како да работиш празно платно. Секој има карактер и специфични карактеристики. Но работата со натуршчик е многу убава, затоа што го извлекуваш она што е својствено за нив и потоа го модифицираш и ги носиш во правецот каде што сакаш да ги однесеш. Таа работа за мене е предизввик, многу интересна и многу тешка, затоа што да контролираш или да балансираш шест тинејџери... Секој има сосема различна енергија и посебен начин на функционирање. Не е лесно, но е многу убава работа.

Вие отворате многу контроверзни теми: хомосексуалност, сексуалност, машкост... Како реагираа овие млади момчиња? Дали вие нешто научивте од нив?

Многу научив, на емотивен начин. Пред да го снимам филмот бев жена, секс жена... Денес не знам што сум. Денес сум само човек. И мислам дека тоа е најважно.

Ова е прв дел од трилогијата која ја планирате. Кажете ни зошто трилогија и што нѐ чека во другите два дела?

Следната приказна е Петрунија, за една девојка која оди против системот. Една млада девојка која станува херој, бунтовник без причина. Станува херој случајно. Затоа што длабоко верува во правда. Упорно инсистира да се почитува она што е правда за неа. Потоа ќе работам на друга приказна за телото и човекот. Како еден постар човек како ја гледа својата физичка деградација, на своето тело и неговата релација кон своето тело. Сакав да работам со машко, затоа што сме виделе такви филмови во однос на женски карактер кој се гледа себеси. Но тој физичкиот аспект и стареењето ми се интересни. И пак машкоста. Што се случува кога ќе ја изгубиш машкоста?

Мислите ли дека македонската јавност е отворена за дискусија по прашањата кои ги отворате во вашиот филм?

Мислам да. Кога ја гледам новата генерација мислам дефинитивно да. Кога ги гледам овие деца, овие млади луѓе мислам дека дефинитивно - да. Па и да не е, мислам дека сето тоа се учи. Ако поставиш нови норми. Ако се соблечеш себеси од сите огради и кажеш јас сум искрен, тоа сум јас, тогаш и другите ќе те следат, и другите ќе се отворат. Треба да бидеме искрени. Да, тешко ми е. Многу. Како натаму? Барем што се однесува до нив (момчињата актери) сум многу позитивна.