1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Измами со недвижен имот во Македонија и Србија

Александар Манасиев | Маријана Кркиќ
1 јули 2017

За илјадници граѓани на Македонија и Србија купувањето на новоизграден стан се претвори во ризична работа. Се проценува дека повеќе од 6.000 семејства останале без дом, а вредноста на измамите надминува 180 милиони евра

https://p.dw.com/p/2fgM1
Kiril Atanasovski- Rentner aus Mazedonien
Фотографија: DW/Aleksandar Manasiev

„Погледнете, погледнете таму на горниот кат! Тоа е станот што го купив за мојата ќерка пред 14 години, станот во кој никогаш не стапна", ни вели со солзи во очите пензионираниот електроинженер Кирил Атанасовски (насловна фотографија), покажувајќи со прстот кон полуизградената станбена зграда во главниот град на Македонија- Скопје.

Зградата го носи името на познатата грчка трагедија од Софокле-Антигона. Сега за овој 77 годишен скопјанец претставува негова лична трагедија. Кирил продал сè што поседува за да и овозможи на ќерката покрив над глава. Во јануари 2003 година платил 28.000 евра на градежната компанија „Фи-ком“ за двособен стан. Договорот бил неговата ќерка да се всели во станот за 24 месеци. Не ни сонувал дека купува стан во зграда што ќе биде во центар на најголемата градежна измама во Македонија. Атанасовски останал и без парите и без станот.

Сопственикот на фирмата "Фи-ком", компанијата што ја изградила Антигона, и неговата сопруга подоцна беа осудени за измама на стотици граѓани продавајќи исти станови на повеќемина купувачи истовремено. И двајцата добија затворски казни за измама и за даночно затајување.

Дури и денес, некои од овие станови, "на хартија", имаат пет или шест сопственици. Сите имаат клучеви, но никој не живее таму, никогаш не појадувал во станот, никогаш не гледал телевизија...

Газдата на „Фи-ком“ ја ставил осумкатницата под хипотека, па правната битка за сопственоста на дел од становите се уште се провлекува низ судовите. Во меѓувреме, зградата стои празна.

Ризичен бизнис

Далеку од тоа дека ова е изолиран проблем на неколкумина. Нашето истражување покажа дека слични измами се распространети и во Македонија и во Србија.

Четврт век по распадот на Југославија, кој ги однесе двете земји на пат поплочен со огромни политички, економски и правни превирања, излегува дека купување на нов стан во Македонија или во соседна Србија е многу ризична работа. Во овие земји здруженијата на граѓани проценуваат дека има 6.000 жртви на измами со недвижен имот кои се во вредност од повеќе од 180 милиони евра. Официјална статистика за овие случаи не води никој. Никој не знае каде и кога започнала оваа измамничка шема, но според сведочењето на жртвите во Македонија и Србија, се чини дека методите се речиси совршено копирани во двете земји.

Шемата одела на овој начин- купувачите плаќале за станови кои се во изградба. Ако зградата има, на пример, 50 станови,  градежната компанија не се задоволувала само со 50 купувачи туку често еден ист стан продавале по неколку пати.

Некои од измамниците  победнале дури во Јужна Америка или на некое друго место, за да избегнат кривичен прогон, но во сите случаи, велат адвокатите, парите исчезнале без никакви шанси да им се вратат на жртвите. Измамените останале и без пари и без станови.

Измами од овој тип со бројност како во Србија и во Македонија немало и во други балкански земји иако постојат поединечни случаи на неколкукратна продажба на станови или на други скандали со недвижен имот кои го привлекле вниманието на медиумите.

Жртвите, од кои дел ги изгубиле животните заштеди, мислејќи дека влегуваат во инвестицијата на нивниот живот не можат да поверуваат како останале со празни раце и џебови.

Wohnblock Antigona in Skopje, Mazedonien
Зградата Антигона во Скопје на „Фи-ком“ со години зјае празна и незавршена. Фотографија: DW/Aleksandar Manasiev

„Си купив проблем“

Ненад Пејин од Нови Сад никогаш не се сретнал со Атанасовски, но веројатно кога би ја имал таа можност би имале многу заедничко за разговор. И двајцата биле жртви на овакви измами, двајцата поминале повеќе од една деценија барајќи правда во судовите. И двајцата се уште се надеваат на среќен крај.

Пејин не е еден од оние луѓе кои се повлекуваат и молчат кога има неправда. Тој пе прецизен и систематичен, особини кои ова воено лице ги има развиено до совршеноство. Пензионерот има доволно време за да се занимава со овој проблем.

Тој го проучил неговиот случај толку темелно што некој слушајќи го би помислил дека е искусен адвокат. Подготвен е да се бори до крај за своите 18.000 евра кои во 2003 година ги дал за стан за кој подоцна било утврдено дека е веќе продаден на некој друг.

Како и Атанасовски, Пејин го продал својот поголем стан за да купи два помали-еден за себе и сопругата, а друг за синот. За негова несреќа подоцнал дознал дека станот од 28 метри квадратни има повеќемина сопственици.

"Животот ми се промени преку ноќ. Наместо стан, купив проблем. Се борам веќе 13 години и не планирам да се откажамиако минатата година имав срцев удар ", вели Пејин.

Претседателот на Здружението на измамените во Нови Сад, кое во моментов има околу 90 членови,  проценува дека во овој град има околу 3.000 измамени, а на сличен начин, во цела Србија има околу 5.000 жртви.

"Некои од нашите членови зеле дури и кредит за да купат стан. Тие се уште ги отплаќаат ратите во банка иако никогаш не влегле во сопствениот дом кој го отплаќаат “, огорчено раскажува Пејин.

Лажни ниски цени

Повеќето двојни и повеќекратни продажба на станови во Србија и Македонија се случиле пред 10-15 години, објаснува Ненад Ѓорѓевиќ од здружението "Кластер на недвижности ", кое се залага за поголема транспарентност на пазарот на недвижности. Мамецот со кој жртвите биле привлекувани биле ниските цени по метар квадратен.

"Цените изгледаа премногу добри за да бидат реални, а не беа реални. Инвеститорите ги намалуваа цените за 20-30 отсто и тоа е причината зошто клиентите давале пари без да влезат на имотот. Поради големиот попуст купувачите веднаш се согласувале", објаснува тој.

Измамите земаа замав во периодот пред да се спроведат поголеми реформи во овој сектор и повеќе или помалку истовремено во двете земји - додека немало електронска база на податоци во Катастар.

Често се случувало купувачите да уплатат и до 90 отсто од вкупниот износ на станот пред воопшто да започнат градежните активности мислејќи дека ризикот ќе им се исплати. Денес правната рамка е подобрена и епидемијата на двојна продажба на станови остана во минатото.

Nenad Pejin (Rechts) pensionierter Militäroffizier aus Novi Sad, Serbien
Ненад Пејин (десно) е решен да се бори до крај за своите париФотографија: DW/Jaroslav Pap

Пред неколку години Лорија Ваневска од Скопје беше адвокат на жртвите во аферата „Фи-ком“ , а и самата беше дел од измамените. Ваневска купила еден од 100-те станови во зградата Антигона. 

"Сопственикот на компанијата Никола Николиќ беше само марионета која криеше измамници на многу повисоко ниво", рече таа, обвинувајќи ја и банката дека била вклучена во измамата.

Николиќ беше уапсен во 2006 година. Неговата прва казна од 10 години затвор за повеќе измама и даночно затајување , иста како и за неговата, беше зголемена на 15 години. Брачниот пар никогаш не призна каде завршиле парите на измамените, не беа на ниту една банкарска сметка поврзана со нив.

Сепак, многумина од измамените се надеваа дека ситуацијата ќе се разреши ако Николиќ излезе од затвор.

Судот- адвокат на банките

Надежите исчезнаа пред две години кога Николиќ беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија. Случајот официјално беше затворен како самоубиство.

 "Ситуацијата ќе беше сосема поинаква, ако Николиќ проговореше пред судот и откриеше кој друг е вклучен во оваа голема афера", вели Ваневска обвинувајќи ги судовите за дел од вината.

"Судот ја презеде улогата на адвокат на банките иако правдата би требало да биде на страна на граѓаните. Две од трите згради кои „Фи-ком“ ги градеше станаа сопственост на банките ", вели таа.

Подоцна, додава таа, зградите биле продадени на трети компании, кои ги пуштиле становите на продажба. Никој не го зел во предвид фактот дека становите се изградени со парите на граѓаните, а не со пари на градежните компании.

Ненад Пејин од Нови Сад ја дели оваа недоверба во судскиот систем. Тој објаснува дека превзел голем дел од работите кои требало да ги направи државата како што се собирањето на докази и советување на други граѓани. Станува фрустриран и сомничав кога се во прашање бескрајно долгите судски постапки.

"Милиони евра од измамите мора да завршиле некаде, можеби дури и во рацете на луѓе од законот за да се одолговлечат судските спорови", вели тој.

 Некои од жртвите се откажуваат бидејќи судењата ги чинат многу- не само пари туку и нерви.

"Низ документите најдов многу фалсификати. Ако ова се случуваше во САД или било каде на друго место жртвите би добиле милионска отштета", вели Пејин.

Миодраг Ѓукановиќ, нотар од Србија, објаснува дека жртвите биле главно од сиромашни семејства, привлечени од ниската цена на недвижностите.

Објаснува дека, исто како и во Македонија каде имало околу 1.000  вакви случаи, измамниците користеле разни трикови за да привлечат купувачи-дури и оптичка илузија.

"За да продадат ист стан два пати измамниците во документите пишувале стан број '3а' наместо само стан број '3' иако таков број воопшто не постои“, вели Ѓукановиќ.

Wohnblock in Novi Sad, Serbien
Зградата во Нови Сад во која Пејин купил стан за својот синФотографија: DW/Jaroslav Pap

Поголема сигурност

Граѓаните денес се побезбедни, додава тој, иако повремени измами се случуваат сепак не се масовни како во претходните години.

"Денес, нотарот е должен да ја провери целокупната документација поврзана со некоја недвижност. Тие го проверуваат имотот во електронскатс база на податоци и во Катастарот“, вели тој.

Никола Велковски, претседател на Здружението на градежништво вели дека системот потфрлил бидејќи купувачите немале инструменти за заштита.

"Во тоа време граѓаните не може да дознаат дали станот е веќе неколкупати продаден. Државата мораше да реагира побрзо и да ги блокира имотот и банкарските сметки на градежните компании што очигледно не се случи ", вели тој.

Објаснува дека ваквите измами негативно влијаеле на продажбата на станови бидејќи во тоа време исчезнала довербата во системот. Ова ги поттикна не само компаниите, туку и на локалните власти и Катастарот да воведат инструменти за подобра заштита на граѓаните.

Мирослав Бјелиќ (52), професор по српски јазик и книжевност во Нови Сад, исто така жртва на измама, е еден од малкутемина кои успеале да ја добијат судската постапка иако за тоа му требале дури девет години.

Тој успеа до некаде да ја врати вербата дека со упорност може да се добие правната битка во Србија. Единственото нешто што тој не успеа е да си ги врати парите назад.

"Се надевам дека пресудата нема да остане само на хартија", вели тој, истакнувајќи дека поради долгото судење кое му ги исцрпело и енергијата и парите биле една од причините зошто никогаш не се оженил.

Отштета нема

Неговиот случај сепак укажува на поголем проблем, а тоа е дека дури и ако некој победи на хартија и пред законот сепак се уште не може да добие ниту денар отштета.

Ѓукановиќ не е оптимист дека измамените ќе ги добијат своите пари или пак становите кои ги платиле.

"Еден стан може да има само еден сопственик и веројатно само тој може да добие отштета. Останатите имаат право да си ги бараат парите назад. Сепак, во повеќето случаи, тоа звучи добро во теорија, но во пракса не е возможно ", вели тој.

За Ѓукановиќ измамите не се случајни и се добро испланирана измамничка шема..

"Измамниците обично немаат имот на свое име па судот не може ништо да им заплени дури во случај да бидат прогласени за виновни. Знаат дека прават измама и добро го подготвуваат теренот за тоа. За жал повеќето измамени може да го добијат судскиот спор на суд, но шансите да ги добијат парите се многу мали, објаснува нотарот.

Во Скопје Кирил Атанасовски го гледа документот со датумот 21 јануари 2003 година-денот кога уплатил за станот и реагира небаре за прв пат станува свесен за изгубеното време. Четиринаесет години подоцна неговата ќерка се уште живее под кирија.

"Старееме заедно со зградата. Некои од измамените починаа чекајќи ја судската одлука, некои се сериозно болни, а некои од нив се уште веруваат дека ќе ги добијат становите ", вели тој.

Атанасовски пополека се оддалечува од зградата Антигона, го врти грбот, но не може да побегне од финансиската трагедија во која продолжува да живее.

 

Автори: Александар Манасиев во Скопје, Македонија, Маријана Кркиќ во Белград, Србија

 (Истражувањето беше поддржано од Фондациите Роберт Бош и Фондацијата Томсон Ројтерс)