1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Живот во ѓубре: Еколошки расизам против Ромите

Влад Одобеску
18 септември 2021

Ромски семејства од романскиот град Клуж-Напока пружаат отпор против нивното присилно преселување во депонијата со смет, Пата Рат.

https://p.dw.com/p/3zspo
DW Global Ideas Webspecial "Environmental Jusitice" Artikelbild "Roma"

Во Клуж-Напока во Трансилванија се наоѓа најголемата депонија за смет во Романија, Пата Рат. Но, меѓу купиштата ѓубре се наоѓаат и едноставни колиби, тука живеат и работат околу 1500 Роми.

Пата Рат одамна се смета за најголемиот еколошки грев на Романија, со децении на депонијата се истоваруваа непреработени отпадоци, хемикалии течеа во почвата, се случуваа пожари во кои страдаа и луѓе.

ЕУ меѓутоа притисна за затворање на Пата Рат, работите на расчистување започнаа во 2015 година. Во изминатите 70 години тука се донесени околу 2,5 милиони тони отпад на површина колку 27 фудбалски игралишта, која потоа беше затрупана со земја. Во 2019 година властите соопштија дека Пата Рат официјално е затворена. 

Но за Ромитеживотот тука продолжува. Зашто, во 2015 година покрај старата депонија никнаа два нови привремени отпади, секој ден растат ридовите ѓубре. Целата област е контаминира, истакнува активистот Кипријан-Валентин Нодис, и самиот Ром.

Прогон од градот

Првите Роми во Пата Рат стигнале во 1960-те и 1970-те години, тука ги довела ситомаштијата. На градската депонија сортирале смет, заработувајќи за живот. Но, најголем дел од жителите на депонијата се протерани од Клуж-Напока во 2000 година, кога градот доживеал бум на недвижности, за Ромите таму веќе немало место.

Rumänien Pata Rât Cluj
Една од двете „провизорни“ депонии покрај Пата РатФотографија: Bogdan Dincă/DW

И Линда Грета Цига спаѓа во последните Роми кои градските власти ги истерале од градот. Ги разбудиле во раните утрински часови, полицијата и булдожерите веќе стоеле пред вратата. Само два дена претходно им било врачено решение за иселување. Новото живеалиште им било во комплекс од станбени контејнери, веднаш до колибите на другите Роми во Пата Рат. 

Линда раскажува дека Ромите претходно биле добро интегрирани во градот, делумно со генерации живееле таму, плаќале кирија и струја, куќите припаѓале на градот, децата оделе во училишта.

#dw_BalkanBooster: „Расизмот е системски“

„За нив ние сме ѓубре, а не луѓе, мислат дека заслужуваме да живееме овде“, вели Линда.

Расизам кон Ромите

Во една анкета од лани, седум од десет Романци изјавиле дека не им веруваат на Ромите. Меѓу 20 и 30 % од испитаниците сметале дека на Ромите им се дадени премногу права, дека државата смее да спроведува сила против нив и дека дискриминацијата и подбуцнувањата против Ромите не треба да се казнуваат.

Вакви предрасуди кон ромското малцинство владеат и воцела Европа, тие обично живеат во области каде нема соодветна водоводна и канализациона мрежа. Европска студија покажа дека Ромите се несразмерно силно изложени на загадување од депонии со смет и загадувачка индустрија.

Тесно, нечисто и изолирано

И семејството на Линда Грета Цига во Пата Рат се нашло во тешки услови – 12 члена во една просторија од 16 метри квадратни. Единствениот тоалет и туш со ладна вода морале да ги делат со станари на три други, исто така преполни соби.

Според студија на ОН од 2012 година, 22% од возрасните во Пата Рат страдаат од хронични болести. Документирани се случаи на кожни инфекции, астма, бронхитис, висок крвен притисок, срцеви и стомачни проблеми.

Европска студија потврдува дека најголем поттикнувач на еколошки расизам против Ромите е присилното иселување.

Градската управа на Клуж-Напока за Дојче веле изјави дека ќе ја исчисти депонијата Пата Рат и на населението ќе му обезбеди поддршка, меѓу другото и здравствена. Тие ќе се обидат да спречат и присилно иселување.

Откако депонијата официјално е затворена, нема доверливи здравствени податоци за жителите. Невладини организации тврдат дека широко раширени се заболувања на дишните патишта, вклучувајќи ги и децата.

А економски затворањето на депонијата уште повеќе го отежнало животот во Пата Рат. Тоа е случај и со Адела Лудвиг, 28-годишна со четири деца. Нејзината куќа е од штици, таа исто така работела на депонијата.

Rumänien Pata Rât Cluj
Адела Лудвиг со децата пред нејзината „куќа“Фотографија: Bogdan Dincă/DW

Порано собирала пластични шишиња и картони, со парите ги издржувала децата. Но, новите „привремени“ депонии се заградени, собирачите на отпад одеднаш останале без работа. „Луѓето плачеа од глад“, вели таа.

Адела и децата живеат од 220 евра детски додаток месечно, следната чешма е на сто метри од нивната колиба.

Ромите од Пата Рат пружаат отпор

Една година откако е прогласено дека депонијата е „минато“, градоначалникот на Клуж-Напока вети дека населбата во Пата Рат до 2030 година „ќе исчезне“. Но, не кажа што ќе биде со 350 тамошни семејства.

Во 2012 година Линда Грета Цига и други поранешни жители на Клуж-Напока основале невладина организација заедно со одделни организации за човекови права, за да најдат решение за станбената ситуација во Пата Рат. Освен тоа, ги тужеле властите поради своето иселување. Уште чекаат на одлуката на Европскиот суд за човекови права за случајот.

Благодарение на финансиска поддршка од Норвешка, меѓу 2014 и 2017 година вкупно 35 фамилии кои порано живееле во Коастеи улицата во Клуж-Напока, можеле да се преселат назад во градот или во соседните села. 

Бидејќи Норвешка не е членка на ЕУ, но спаѓа во заедничкиот пазар, норвешката влада за возврат финансира социјални проекти во Јужна и Источна Европа.

Линда Грета Цига сега со својот партнер и децата живее во трособен стан во градот, но Пата Рат не го заборава, нејзините роднини уште живеат таму. Таа моментно работи на тоа натамошни 30 фамилии да се преселат во рамките на иницијативата. „Би сакала никој веќе да не живее во Пата Рат, никој не заслужува да живее таму“.