1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот со тампон зона

С. Кацер / Е.М.Фиданоска18 јануари 2014

Луѓето на поделениот Кипар веќе 40 години живеат со тампон зона. Таму е мирно, но омразата меѓу двете страни е сѐ уште длабоко всадена. Сепак, знаци на нормалност и обиди за зближување, има!

https://p.dw.com/p/1AniW
Фотографија: dapd

Во тампон зоната е мирно. Полицајците на ОН, кои патролираат на демаркационата линија меѓу северен и јужен Кипар, најчесто немаат работа. На северот стражари добро вооружената турска армија, а помеѓу е „ничија земја“, која некаде е широка неколку километри, а некаде само неколку метри.

Овде 40 години нема насилство, но тоа не мора да значи ништо - омразата меѓу двете страни е сѐ уште длабоко всадена. Питер Кингма, кој е дел на мировните сили на ОН во Кипар, вели: „Кога ОН не би биле овде, конфликтот би можел повторно да се разгори. Идејата за тампон зона е добра.“

Има и знаци на нормалност. Кипраните од север и југ повторно ја обработуваат земјата во тампон зоната. Полицајците на ОН го поддржуваат тоа. Пред 10 години кипарските Грци, поради страв од турската армија, не се осмелуваа да дојдат овде. Сега тие во тампон зоната понекогаш среќаваат дури и кипарски Турци. Земјоделецот Јанис Хаџивасили, раскажува: „Разговараме со тие луѓе. Но, таму се Турци од Турција, војници. Ние, сите бегалци, сакаме да се вратиме во нашиот дел на Северот.“

Zypern Grenze UN
Фотографија: dapd

Никозија, последната поделена престолнина во Европа. Од пристапувањето на Кипар во ЕУ пред 10 години има неколку гранични премини повеќе, но по прашањето на поделбата нема никаква промена.

Разговорите за повторно обединување не напредуваат, а директни контакти на ЕУ со турската страна се блокирани од кипарските Грци. Поради тоа кипарските Турци се разочарани. Една граѓанка вели:„Предности од ЕУ, како што се субвенциите, имаат само кипарските Грци. Ние имаме само предност што можеме да патуваме во Европа без визи, доколку поседуваме пасош од Југот.“

Но, и на другата страна, во грчкиот југ, се намали одушевеноста од ЕУ и еврото. Од избивањето на големата економска криза, контроверзно се дискутира „за“ и „против“.

„Треба да излеземе од ЕУ. Што направија тие за нас? Да не ни ги решија проблемите?“, прашува еден жител на Никозија, додека друг има поинакво мислење:

Zypern Grenze zu Nordzypern
Фотографија: AP

„Во однос на кризата - што ќе беше ако не бевме членка на ЕУ? Одамна ќе банкротиравме.“

Критичарите оценуваат дека тоа што кипарските Грци непосредно пред приклучувањето кон ЕУ отфрлија план на ОН за повторно обединување било грешка, како политички, така и економски.

Симеон Мацис, економист од Лимасол, нагласува: „Ќе требаше да изградиме нова инфраструктура, за интеграција на северниот и на јужниот дел на Кипар - снабдување со вода, струја, телекомуникации и ќе имавме можност за работење во Турција и за експанзија на нашата трговска флота.“

Во „Ледра палас“ - напуштен хотел во тампон-зоната меѓу северот и југот на Никозија, под закрила на ОН се среќаваат Грци и Турци кои се дел од Танцувачката група за мир. Тие веруваат во заедничка иднина на двете етнички групи.

Песните и танците се исти. Грците и Турците се разликуваат само по бојата на носиите. Не е лесно тоа да им се објасни на младите Кипрани. Мехмет Еминоглу, објаснува: „Многумина од оние кои се помлади од 40 години досега воопшто не виделе кипарски Грк односно Турчин. Јас, пак, се сеќавам дека соживотот имаше и убави страни и дека се исплати да се бориме за тоа. Ние сакаме тоа да го покажеме.“

Türkei EU Flugzeug Wrack auf Zypern
Уништен патнички авион - споменик на последната поделена земја на ЕУФотографија: AP

Пoранешниот аеродром во Никозија и денес се наоѓа во тампон-зоната. Овде веќе 40 години не слетал и не полетал ниту еден авион. Еден патнички авион уништен од истрели сѐ уште е на аеродромот, како споменик на последната поделена земја на ЕУ.