1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жртви во преполн индиски автобус со патници на покрив

Александар Методијев/бета/дпа11 август 2012

Педесет и две лица загинаа, а 46 се повредени, кога преполн автобус излета од планински пат на северот од Индија и падна во провалија. Најновиот биланс на жртвите го соопшти полицијата.

https://p.dw.com/p/15o3O
Фотографија: AP

Возачот на преполниот автобус загубил контрола во моментот кога се наоѓал на остра кривина во сојузната држава Химачал Прадеш, на северот од Индија, по што следувал пад во провалија длабока 100 метри.

Во автобусот имало 60 места, но во него имало многу повеќе луѓе, а некои од нив биле и на покривот од возилото, изјави управникот на полицијата Кулдеп Шарма и додаде дека меѓу повредените три лица се во тешка здравствена состојба.

„Триесет и девет лица загинаа на лице место“, додаде Шарма. Тој додаде дека причината за несреќата засега не е позната.

Тешките сообраќајни несреќи во Индија се честа појава, посебно во планинските области на северот од земјата. Според податоците од Светската здравствена организација од 2009-та година, Индија е светски рекордер по бројот на загинати лица во сообраќајни несреќи. Според индиски владини извори, пак, провинцијата во која се случи денешната несреќа бележи 3.500 смртни случаи во сообраќајни несреќи во периодот од 2009-та до 2011-та година. Причините за несреќите се неприлагодената брзина, невниманието и лошата состојба во која се наоѓаат патиштата, но и географските и временски услови. Од индиската влада велат дека во 97 проценти од случаите, човечката грешка и возењето под пијанство се причините за сообраќајните несреќи, додека останатите наведени причини се опфатени во само три проценти од случаите.