1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заборавеното Косово се’ поблиску до укинување на визите

Ален Леговиќ / Симе Недевски20 јуни 2012

Во сенка на посетата на новиот српски претседател на институциите на ЕУ остана во сенка веста дека ЕУ издаде насоки за визна либерализација на граѓаните на Косово, што е почеток на процесот на патување без визи во ЕУ.

https://p.dw.com/p/15IDp
Фотографија: katatonia/Fotolia

Тоа навистина беше вест на денот за граѓаните на Косово, но таа главно остана во сенка на другите големи настани тој ден, меѓу другото и посетата на новиот српски претседател Томислав Николиќ на Советот на ЕУ и на Европската комисија.

Тоа е нов чекор за граѓаните на Косово на патот кон укинување на визите за патување во земјите од ЕУ, дотолку повеќе што Косово и натаму го немаат признато пет земји-членки на Унијата, а тоа се Шпанија, Словачка, Романија, Грција и Кипар. Официјално, Унијата го започна дијалогот за Косово за укунивање на визите уште на 19. јануари 2011 година. Во насоките кои еврокомесарката за внатрешни работи Цецилија Малмстром и‘ ги предаде на косовската министерка за европски интеграции Вљора Читаку, Европската комисија бара од косовските власти да спроведат реформи во областа на слободата на движење, безбедноста на документитте и управувањето со границите, борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и основните човекови права.

Европската комисија подготвена да му помогне на Косово

Cecilia Malmström
Еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија МалмстромФотографија: picture-alliance/dpa

Малмстром нагласи дека Еврокомисијата е подготвена да им помогне на косовските власти и институции во напорите да ги исполнат барањата и оти насоките кои ЕК му го предаде на Косово значат дека граѓаните на Косово се наоѓаат чекор поблиску до безвизен режим на патување во земјите од ЕУ. Кога тоа ќе се случи зависи пред се’ од исполнувањето на условите и реформите од страна на косовските власти, порача Малмстром.

„Ќе работиме интензивно и ќе вложиме големи напори за да создадеме аргументи за вас и за останатите пријатели на Косово и на проширувањето, за да ве увериме дека остатокот од работата ќе биде исполнет“, порача пак косовската министерка за европски интеграции.

Косово: „Ќе ги исполниме критериумите во рекорден рок“

Косово доби листа од 95 услови која ги опфаќа сите релевантни подрачја, од безбедноста на документите до борбата против корупцијата. Вљора Читаку додаде дека ЕК од Косово не побарала „формула за правење Кока Кола“ : „И натаму тврдам дека ќе бидеме во состојба да ги исполниме сите критериуми во рекордно време и оти нема да има изненадувања“, вели косовската министерка.

Mimoza Kelmendi , Vlora Citaku Kosovo Europäische Intgegration
Косовската министерка за евроинтеграции Вљора Читаку (прва од лево)Фотографија: DW

Косово е последна земја од Југоисточна Европа на чии граѓани се’ уште им требаат визи за патување во земјите од ЕУ .

На Косово сега му е потешко отколку на Србија“

Вљора Читаку е свесна дека патот на Косово кон европските интеграции нема да биде едноставен. На новинарското прашање - дали условите кои Косово мора да ги исполни се построги отколку за останатите земји од регионот, министерката одговори дека на патот кон членството во ЕУ Хрватска сигурно имала потешки задачи од Бугарија и Романија. Согласно тоа, на Србија ќе и биде потешко отколку на Хрватска, а на Косово пак сега му е потешко отколку на Србија.

Посебно задоволство од ваквиот развој на настаните изразува словенечката европратеничка Тања Фајон, која беше известувачка на ЕП за визната либерализација за земјите од ЈИЕ. Таа нагласува дека секој нов чекор во насока на патувањето без визи е голем ден за граѓаните на Косово. Но таа предупреди дека патот до конечно укинување на визите за граѓаните на Косово е долг и многу напорен.