1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забранета љубов што го полни буџетот

18 јули 2009

Од пред пет години, хомосексуалните двојки во Масачусетс може легално да се венчаат. Tоа право на либералната американска држава досега и‘ донесе 100 милиони долари екстра приходи. Бракот е лукративен за државните каси.

https://p.dw.com/p/IrYt
Фотографија: AP

За најубавиот ден во животот се важни повеќе нешта, не само романтиката, туку и економскиот аспект. „Ресторани, сали, државни службеници, се‘ чини пари", вели професорката по економија Ли Беџет, од Универзитетот Масачусетс во Амхерст. Таа истражуваше какви последици има признавањето на хомосексуалните бракови врз економијата. „Покани, столици, маси, вино, шампањ, убава облека, цвеќиња, хотели, прстени...листата е бесконечно долга“, дополнува професорката.

Повеќе од 100 милиони долари заработи државата од истокот на Соединетите Американски Држави. Таа беше првата од досега шесте сојузни држави, кои дозволија брак меѓу припадници од ист пол. Повеќе од 12 илјади истополови парови досега го кажале судбоносното „да“, многу од нив за таа цел имаат потрошено по 10 илјади или дури 20 илјади долари. Од пред една година, во Масачусетс може да се венчаат и парови од странство. Се‘ почесто весникот „Њујорк Тајмс“ објавува огласи за венчавање на геј или лезбејски двојки, кои свеченото „да“ си го кажале во Конектикат или Масачусетс, бидејќи во државата Њујорк тоа се‘ уште не е дозволено. „Веќе илјадници парови беа тука, доаѓаат, поднесуваат барање за склучување брак, чекаат три дена, се сместуваат во хотел, одат да јадат, купуваат цвеќиња – се‘ се собира!“, вели професорката Беџет.

„Каде што смеам да сакам, таму сакам и да живеам“

Homosexuelles Pärchen küsst sich auf einer Bank in Paris
Се‘ повеќе хомосексуални двојки се доселуваат во МасачусетсФотографија: picture alliance/dpa

Таму каде што смеам да сакам, како што ми одговара, таму сакам и да живеам – вака размислуваат многу парови. За нив можноста да склучат брак е и поттик да се преселат во Масачусетс. Ова особено привлече голем број интелектуалци: луѓе со високо образование, луѓе од економската бранша, научници и уметници, открива универзитетот во една друга студија. Ако Соединетите Американски Држави дозволеа хомосексуални бракови во целата држава, свадбената индустија ќе заработеше дополнителни 10 милијарди долари, бидејќи желбата за склучување брак меѓу истополовите двојки е голема. „Во првата година откако Масачусетс ги легализираше хомосексуалните бракови, се венчаа 37 отсто од сите хомосексуални двојки во државата. Во сојузните држави, во кои се дозволени само истополови животни заедници или некои слични форми помалку официјални од бракот, тој процент изнесува само 10%. Луѓето посакуваат брак!“ - појаснува Ли Беџет.

Зад тоа стои многу повеќе од само давање збор, туку е и цел пакет на права и обврски. Бракот има емоционално, социјално и културно значење, кое го не го содржи истополовата „животна заедница“, смета Беџет: „Децата знаат што е брак, бабите исто така, знае ли некој кое е значењето на регистрираните ’животни заедници’?“

Предрасудите полека се намалуваат

Schwulenfeindlichkeit
Со надеж дека еден ден предрасудите ќе исчезнатФотографија: rainbow.at

Општествената прифатеност на истополовите бракови е во пораст. Според Беџет, многу претпријатија кои порано имале предрасуди, сега во екот на економската криза, не можат да си дозволат да ги одбијат клиентите, само поради тоа што имаат нешто против нивниот начин на живот: „На пример фотографите на свадби, кога тие ќе дојдат на венчавка, гледаат дека ништо не е поинакво во споредба со хетеросексуалните парови. И полека им се намалуваат предрасудите, бидејќи кога ќе ја видат љубовта и поддршката на најблиските што ја добиваат истополовите парови, како може да реагираат поинаку, отколку со прифаќање!?“

Автор: Лена Бодевајн / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска