1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завршен удар на Студената војна

21 ноември 2010

Русија прифати соработка со НАТО во ракетниот одбранбен штит, но само како рамноправен партнер. Освен тоа, на самитот на НАТО во Лисабон падна одлука за почеток на т.н. „излезна стратегија“, повлекување од Авганистан.

https://p.dw.com/p/QEde
Андерс Фог Расмуесен, Дмитри Медведев и Хозе СократешФотографија: AP

Во Лисабон (20.11) се одржа првата средба меѓу Алијансата и Русија по војната во Грузија во 2008 година. Вооружениот судир меѓу Русија и Грузија тешко ги оптовари односите на Москва со НАТО. Кон конфронтации водеше и политиката на американскиот претседател Џорџ Буш. Но, сето тоа сега е минато, смета генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен:

„Овде во Лисабон поставуваме темел за потесни односи меѓу нашите 29 нации, какви што немало досега. Затоа денешниот ден значи вистински нов почеток на односите меѓу Алијансата и Русија.“

Заедничка ракетна одбрана

Највидливиот знак на соработката треба да биде изградбата на меѓусебно поврзана ракетна одбрана. НАТО и‘ понуди на Русија учество во планираниот ракетен систем за одбрана од напади, на пример од Иран. Русија искажа подготвеност да ја прифати понудата, но рускиот претседател Дмитри Медведев го посочи решавачкиот предуслов:

„Нашето учество мора да биде апсолутно рамноправно. Влегуваме само како партнери, не доаѓа предвид друг вид учество.“

САД за нов почеток со Русија

NATO Gipfel Portugal Lissabon November 2010
Ново поглавје во односите на НАТО и РусијаФотографија: AP

И американскиот претседател Барак Обама повтори дека бара нов почеток со Русија. Двете држави имаат многу заеднички безбедносни интереси. Но, во моментов Обама се соочува со внатрешнополитички отпор, во американскиот Сенат нема расположение за новиот договор за разоружување, „Старт“, кој пролетоска беше потпишан со Русија. Обама од Лисабон апелираше до своите политички противници од Републиканската партија во Вашингтон:

„Овде добив огромна поддршка од сојузниците за новиот договор ’Старт’, кој значи решавачки составен дел на американската и европската безбедност, дури и од оние кои се директни соседи со Русија. Време е да го потврдиме тоа.“

Иако не се решени сите проблеми, а многу детали за конкретните проекти за соработка треба допрва да се договорат, паѓа в очи добрата атмосфера меѓу поранешните лути противници. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека „со самитот во Лисабон, НАТО дефинитивно го напушта фронтот на Студената војна.“

Постепено повлекување од Авганистан

На самитот во Лисабон НАТО најави веќе од следната, 2011 година, да започне со повлекувањето од Авганистан, а најголемиот дел од трупите ќе ја напуштат земјата до крајот на 2014 година. Сепак, вистинското повлекување нема да зависи од претходно договорените термини, туку од конкретните резултати во стабилизирањето на Авганистан и оспособувањето на авганистанските сили да ја преземат задачата за обезбедување ред и мир во земјата.

Автор: Кристоф Хазелбах/Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев