1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заврши средбата Црвенковски-Филе

6 јули 2010

Претседателот на најголемата опозициска партија во Македонија - СДСМ, Бранко Црвенковски претпладнево (06.07.2010) во Стразбур разговараше со еврокомесарот за проширување, Штефан Филе.

https://p.dw.com/p/OBXB
Зградата на Европскиот парламент во СтразбурФотографија: picture-alliance/ dpa / dpaweb

На средбата меѓу Бранко Црвенковски и еврокомесарот Штефан Филе, главната тема беше процесот на интегрирање на Македонија во ЕУ, при што биле разгледани сите области.

„Стана збор дека во некои од тие области не само што не е забележан некој значителен напредок, туку дека има и одредени чекори кои можат да се толкуваат како враќање назад. Посебно беше потенцирана состојбата во судството, односно неослободувањето од политички притисок на судскиот ситем во Република Македонија и необезбедување на независност на судскиот систем“, изјави за Дојче Веле веднаш по разговорите, лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.

EU Erweiterungskommissar Stefan Füle
Штефан Филе покажал интерес за стратешките и определби на СДСМ по кои ќе постапува во иднина доколку ја преземе властаФотографија: AP

Двајцата соговорници се осврнале и на состојбите во јавната администрација, дека не е воспоставен критериумот - напредок според кариера, а бил отворен и проблемот со состојбата на медиумите во земјата...

„Односно слободата на медиумите, присутниот притисок кон медиумите, состојбите во цивилниот сектор и слично“, објаснува Црвенковски.

Филе се интересирал за ставовите на СДСМ доколку партијата дојде на власт

Еврокомесарот Филе покажал интерес за стратешките и програмски определби на Социјалдемократскиот сојуз по кои ќе постапува во иднина доколку ја преземе власта.

„Социјалдемократскиот сојуз е подготвен, беше подготвен и досега и во наредниот период да го понесе својот дел од одговорноста на најсоодветен начин. Она што опзицијата не може да го направи е да ги решава проблемите и задачите што и‘ припаѓаат на власта“, изјави лидерот на СДСМ за Дојче веле.

„Далеку сме од датум за преговори“

На средбата Филе и Црвенковски се осврнале и на преговорите со името, за кои било уште еднаш констатирано дека се водат во ООН. Според Црвенковски, Европската комисија и ЕУ со интерес ги следат прегвоорите, но не се заинтересирани да се вмешаат во нив.

Branko Crvenkovski ist der neue Parteichef von der Partei SDSM
Околу датум за почеток на преговори не стана збор бидејќи сме многу далеку од тоа, вели Бранко ЦрвенковскиФотографија: MIA

„Околу датум за почеток на преговори не стана збор бидејќи сме многу далеку од тоа. Претпоставувам дека многу други работи, не само решавањето на спорот со Грција, туку и задоволување на овие критериуми пропишани од страна на Европската комисија во различни области, за да можеме да говориме за следниот чекор, а тоа е датум за почеток на преговорите.“

Попладнево Бранко Црвенквски во Европскиот парламент во Стразбур ќе има средба со повеќемина европратеници, од кои некои имаат побарано средба со комесарот за проширување Штефан Филе, токму за европските интеграции на Македонија и на целиот Западен Балкан.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска