1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загревање пред старт

3 април 2009

Францускиот претседател, Никола Саркози, му организира свечен пречек на американскиот колега, Барак Обама. Почетокот на самитот се очекува со неизвесност и поради негодувањата на Турција околу идниот генерален секретар.

https://p.dw.com/p/HPbk
Обама беше пречекан со најголеми државни почестиФотографија: AP

Францускиот претседател Никола Саркози на американскиот колега Барак Обама му приреди пречек како на супер ѕвезда. Црвен тепих, аплаузи и овации од фановите го проследија пристигнувањето на Обама во палатата Рохан во Стразбур, точно напладне, каде тој и неговата сопруга Мишел разменија бакнежи со француските домаќини. Мило ни‘ е што сме овде, рече американскиот претседател, а во еден момент дури се наведна кон публиката и бакна една млада жена.

Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели беше иднината на трансатлантската алијанса, односите со Русија, стратегијата за Авганистан, како и враќањето на Франција во командната структура на НАТО. На заедничка конференција по средбата, Саркози изјави дека Франција целосно ја поддржува новата американска стратегија за Авганистан и дека ќе помогне во цивилната обнова на земјата. Обама, пак, јавно и` се заблагодари на Франција за извонредниот придонес, кога е Авганистан во прашање.

Пред официјалниот почеток на самитот на НАТО, Обама ќе се сретне и со германската канцеларка, Ангела Меркел.

Турција уште му е лута на Расмусен

Dänemark Ministerpraesident Anders Fogh Rasmussen soll Nato Generalsekretär werden
Расмусен - дали ќе мора да се прости од функцијата генерален секретар на НАТО?Фотографија: AP

Покрај идната стратегија за Авганистан, на роденденскиот самит на Алијансата треба да се реши уште едно важно прашање - кој ќе го замени досегашниот главен секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер. Се` поизвесно е дека фаворитот, данскиот премиер Андерс фог Расмусен, нема да ја добие поддршката на Турција.

Во изјава по завршувањето на самитот на Г20, турскиот премиер, Реџеп Таип Ердоан, изјави дека неговата земја е против кандидатурата на Расмусен, поради тоа што данската влада одбила да го забрани емитувањето на сателитската телевизија „Рој ТВ“, блиска до сепаратистичката Курдска работничка партија (ПКК). Покрај тоа, муслиманскиот свет се` уште му е лут на Расмусен поради тоа што го дозволи објавувањето на карикатурите на пророкот Мохамед.

Преструктуирање за поголема флексибилност

NATO löst US-Truppen in Afghanistan ab
Обама најави уште 17.000 војници за АвганистанФотографија: AP

Кратко пред почетокот на јубилејниот самит, владата на САД побара целосно преструктуирање на Алијансата. Американскиот советник за безбедносни прашања, генерал Џејмс Џоунс, истакна дека на НАТО му се потребни темелни реформи, со цел да стане побрз и пофлексибилен и да може превентивно да делува во спречување конфликти.

За претседателот Обама, пак, најважна тема на самитот ќе биде стратегијата за Авганистан и Пакистан. Покрај дополнителните 17.000 војници кои планира да ги испрати во регионот, Обама најави и четири илјади стручни лица, кои ќе помогнат во обуката на авганистанските безбедносни сили.

Шеесеттиот самит на НАТО, симболично организиран од Франција и Германија, ќе почне со вечера во германскиот град Баден-Баден. Лидерите на земјите-членки на Алијансата ќе ги поздрават и новите двете членки, Хрватска и Албанија.


Автор: ТТ/ројтерс/ап/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска