1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Загриженост во ЕУ: Колку вакцините се моќни против Омикрон?

ЖА / агенции
27 ноември 2021

Здравствената служба на ЕУ смета дека новата варијанта на ковид која се појави во Јужна Африка може да се прошири низ Европа. Забрзано се испитува ефикасноста на постојните вакцини против Омикрон

https://p.dw.com/p/43YzE
Südafrika I Coronavirus in Kapstadt
Фотографија: Adrian Kriesch/DW

Б.1.1.529 е ковид-варијанта кај која постои досега најголемо отстапување кое е откриено во текот на пандемијата, соопшти синоќа ЕЦДЦ, Европската служба за здравство со седиште во Стокхолм, во првата проценка на степенот на закана кој произлегува од  новата мутација на коронавирусот.  Тоа предизвикува сериозни грижи поради евентуално намалување на ефикасноста на вакцините против коронавирус  и зголемување на ризикот од реинфицирање.

Според ЕЦДЦ, варијантата Б.1.1.529, која од Светската здравствена организација го доби називот „Омикрон“, содржи голем број ген мутации во споредба со првичниот вирус. Сѐуште постои голема несигурност во поглед на брзината на пренесување, дејството на вакцините и ризикот од повторно заразување, но ЕЦДЦ поаѓа од висока веројатност од натамошно внесување и ширење на  новата варијанта  во Европа.

Овие нејаснотии налагаат превентивен пристап, се апелира итно на засилено спроведување на нефармацевтските мерки, како држење физичка дистанца и носење заштитна маска. Патувања во засегнатите области каде е детектиран новиот сој на вирусот треба да се избегнуваат. „Врз база на нашите искуства со претходните варијанти, мораме да бидеме проактивни и да преземеме превентивни мерки за да добиеме во време потребно за собирање на неопходните сознанија“, истакна директорката  на ЕЦДЦ Андреа Амон.

Новата Омикрон варијанта беше откриена најпрво во Јужноафриканската Република, па во Боцвана, но до вчера нејзино присуство е регистрирано и во Израел, Белгија и во Хонконг. Светската здравствена организација ја класифицираше новата варијанта во категоријата „загрижувачки“, што е сигнал дека некоја варијанта е попренослива или може да води кон потешка форма на заболувањето.

Производителите на  вакцини против коронавирус  Бионтек/Фајзер, Модерна, Џонсон и Џонсон и АстраЗенека најавија дека ќе ја стават под лупа варијантата Омикрон за да откријат во колкава мерка нивните вакцини штитат од инфицирање со неа. Бионтек најави први одговори на ова прашање најдоцна за две недели.

ЕУ на загрижувачката појава на новата мутација Омикрон реагираше со драстични ограничувања на влезот во Унијата за патници од просторот на Јужна Африка. Претседателката на Европската комисија, Урслула фон дер Лајен побара укинување на сите авионски летови во и од овие земји „додека не се има јасна слика за опасноста од новата варијанта на вирусот“.