1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загрижувачки пораст на невработеноста

25 март 2009

Последните податоци покажуваат дека во Македонија во моментов има 351 илјада невработени. Експертите предупредуваат дека негативниот тренд може да продолжи. Лекот треба да се бара во инвестициите.

https://p.dw.com/p/HJVe
Текстилната индустрија е под најсилен ударФотографија: Nikos Pilos

Во Македонија според официјалните податоци во моментов без работа се 351.115 луѓе. Ова произлегува од последниот извештај на агенцијата за вработување, заклучно со февруари. Споредено со јануари тоа е повеќе за 2746, или вкупно 8 илјади повеќе во однос на истиот период лани. Зголемувањето на невработенсота е директна последица на економската криза. Најавените инвестиции се одложени, а погодените фирми отпуштат работници. Експетите во земјата стравуваат дека негативниот тренд може да продолжи. Професорот Ванчо Узунов критикува дека владата знаела за кризата но доцна се сетила што треба да работи: „Прифаќам дека изборите си одиграа свое влијание, но сега сме среде криза и повеќе нема друго, нема бегање туку дајте да видиме што може да се спаси“, вели Узунов.

30 отсто невработени до 24 годишна возраст

Straßenkind in Skopje, Mazedonien
Се` помалку работни места за младитеФотографија: picture-alliance/ dpa

Освен бројката невработени, загрижувачки е фактот на возраста на лицата кои бараат работа. Податоците покажуваат дека дури 30 проценти од нив се на возраст до 24 години. Овој параметар е недозволив за земја која претендира да стане дел од ЕУ, предупредува Јоргос Пападакис од Балканската фондација за деца и млади. Според него, младите кои се во потрага по работа не знаат во што се впуштаат, не добиваат никаков документ, ниту договор кој ги содржи нивните права. Пападакис посочува дека проблемот е што младите не ги познаваат правилата кои треба да се почитуваат, а кои всушност постојат.

Лекот е во инвестициите

Работодавачите велат дека се трпеливи и покрај фактот што последиците од кризата ги пореметуваат нивните планови. Излезот тие го гледаат во инвестиции. Дел од нив сметаат дека треба да поминат уште најмалку две години за да може да се почувствуваат вистинските последици од таквите мерки.

ССМ ја критикува организацијата на берзата на трудот

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Ванчо Муратовски смета дека младите не се во ситуација да можат да бираат работно место поради слабата организација на берзата на труд туку напротив, грчевито да се борат за да го задржат постојното работно место. Невработеноста е проблем кој досега не успеа да го амортизира ниту една владејачка гарнитура. Полошо од Македонија на овој план во европски рамки стои само Косово.


Горан Петрески

Редактор: Костадин Делимитов