1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задоволство и скепса

11 септември 2009

Германската влада е задоволна, а опозицијата е скептична - одлуката за продажба на „Опел“ предизвика различни реакции. Германскиот производител на автомобили ќе биде продаден на австриско-канадската фирма „Магна“.

https://p.dw.com/p/Jcmq
Фотографија: AP

Одлуката за продажба на „Опел“ ја донесе Управниот одбор на американската компанија „Џенерал моторс“, кој беше сопственик на „Опел“ 80 години. Германската влада беше таа која се залагаше за продажба на автомобилскиот производител Опел на австриско-канадскиот производител на делови за автомобилската индустрија „Магна“. Германската канцеларка е задоволна, таа ја поздрави одлуката на „Џенерал моторс“: „Исклучително се радувам на оваа одлука, донесена во согласност со желбите на нашата влада, но и на вработените во Опел, изјави Меркел. Германската влада веќе го помогна работењето на „Опел“ со еднаипол милијарди евра, треба да вложи уште три милијарди“, изјави Ангела Меркел.

Merkel äußert sich zu Verkauf von Opel an Magna
Канцеларката Ангела Меркел е задоволнаФотографија: AP

Слично реагираше и германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер: „Ме радува што „Џенерал моторс“ го избра решението, концептот кој значи задржување на работните места на „Опел“ во Европа и што остануваат четирите погони на фабриката во Германија.

Опозицијата изразува скепса

Шефот на либералите Гидо Вестервеле критикуваше што условите од договорот останаа тајна за цело време. Тој побара од владата да ги изнесе во јавноста документите од водените преговори, особено што сега земјата се наоѓа во фаза пред избори и со вакви вести за успеси владата се става во преден план во медиумите.

Guido Westerwelle FDP
Шефот на либералите Гидо Вестервеле критикуваФотографија: AP

Ренате Кинаст од партијата на Зелените продажбата на „Опел“ ја оцени како наводен спас. И Грегор Гизи од Партијата на левицата е воздржан: „Не знаеме дали ова воопшто ќе се реализира“, изјави тој.

Според договорот, „Џенерал моторс“ нема целосно да се раздели од „Опел“, тој задржува 35 проценти од акциите. Освен тоа, „Опел“ ќе остане интегриран во глобалниот сојуз на „Џенерал моторс“ во поглед на техниката и развојот. Тоа во Берлин јасно го потенцираше раководителот на преговорите од „Џенерал моторс“, Џон Смит.

Во четирите фабрики на „Опел“ во Германија, инаку, работат околу 25 илјади луѓе. Производствените погони во Бохум, Риселсхајм, Ајзенах и Кајзерслаутерн остануваат, но новиот сопственик „Магна“ најави намалување на работни места - во европски рамки, вкупно околу 50 илјади.

„Магна“, инаку, настапува заедно со руски партнери, банката „Сбербанк“ и производителот на автомобили „Газ“.

Автор: ЖА/СН/дпа/ројтерс/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска