1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задоволство од средбата со Вартоломеј

Горан Петрески23 февруари 2007

Македонската црковна делегација се врати од Истанбул со порака на вселенскиот патријарх, Вартоломеј, дека проблемите со кои се соочува црквата можат да се решат со дијалог.

https://p.dw.com/p/AdZG
Патријархот Вартоломеј на минатогодишната средба со папата Бенедикт 16-ти
Патријархот Вартоломеј на минатогодишната средба со папата Бенедикт 16-тиФотографија: AP

Апсолутно задоволни од средбата со Вселенскиот патријарх, Вартоломеј, синоќа во Скопје се вратија владиците на Македонската православна црква. Во Цариград добиле поддршка дека нерешениот статус на МПЦ не е само нејзин проблем, туку и на целото православие. Портпаролот на Синодот на МПЦ, владиката Тимотеј, кој беше член на црковната делегација, по враќањето од Истанбул кажа дека за сите прашања отворено разговарале со патријархот Вартоломеј: “Пред се беше истакната загриженоста, како од наша страна, така и од неговата светост, за сеопштото православие кое е потребно за да биде прифатено и прегрнато од страна на останатите православни браќа, односно останатите православните сестрински цркви.„

На средбата во седиштето на православието не бил заобиколен ниту случајот на Вранишковски, екс-владиката кому во меѓувреме му е скратена затворската казна. Цариградската патријаршија побара негово ослободување. За Македонската православна црква овој случај е затворен: “Јован Вранишковски беше спомнат како проблем кој што е затворен. Од наша страна беше речено дека ние како црква ниту сме го затвориле, ниту можеме да го ослободиме, бидејќи тоа е во домен на државните органи. Патријархот истакна дека преку дијалог може да се надмине проблемот, што не е ништо ново, ниту е првпат речено, ни пак е нешто што не го знаеме или не го прифаќаме. Затоа бараме да се воспостави и продолжи дијалогот, како со српската правослвна црква, така и со останатите правослвни цркви, односно со псоредништво. Дали тоа ќе биде Цариградската патријаршија, дали тоа ќе биде Московската патријаршија или Албанската православна црква – ние сме отворени да разговараме бидејќи вистината и правдата е на наша страна“, изјави Тимотеј.

Дипломатската мисија на МПЦ не завршува во Цариград. Следната станица е Москва. Поддршка ќе се бара и од рускиот патријарх Алексеј.