1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вакцинација – катастрофа со најава

11 април 2022

Германците сакаа да направат сè подобро од другите со воведување задолжителна вакцинација против коронавирус. Неуспехот сега ја поткопува довербата во политиката за справување со пандемијата, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/49lvr
Symbolbild Debatte zur Impfpflicht im Deutschen Bundestag
Фотографија: Political-Moments/imago images

Да сме на чисто - има само неколку земји ширум светот во кои е воведена задолжителна вакцинација против коронавирусот, како што се Еквадор, Индонезија, Таџикистан или Туркменистан. Во многу земји, вклучително и Германија, вакцинацијата е задолжителна за одредени професионални групи - на пример, за здравствените работници.  Австрија имаше воведено општа обврска за задолжителна вакцинација, но во меѓувреме ја суспендираше бидејќи, како и секаде во светот, Омикрон варијанта на вирусот, којашто е најраспространета во моментов, влијае врз перцепцијата дека секој може да ја преброди пандемијата без да се воведе  задолжителна вакцинација  за сите. Оттука, релативно новата германска влада веројатно немаше да претрпи штета доколку се откажеше од своите планови за задолжителна вакцинација. Но, не се откажа и сега штетата е голема.

Чудно незаинтересиран канцелар

Во четвртокот  Бундестагот одби неколку барања за задолжителна вакцинација. Уште претходно беше јасно дека владата составена од СПД, Зелените и ФДП нема да може да го собере сопственото мнозинство за одобрување задолжителна вакцинација, бидејќи многу политичари од редовите на Либералите се спротивставија. Сепак, чудно незаинтересираниот канцелар Олаф Шолц (СПД) го издржа јасниот пораз во Парламентот. Десничарските популисти од Алтернатива за Германија кои, како и секогаш се цврсто на страната на порекнувачите на корона и се против секоја задолжителна вакцинација, славеа.

Секој што се вакцинира сега го прави тоа за себе

76% од луѓето во  Германија во моментов се двапати вакцинирани, 59% примиле трета доза. Има многу земји кои се подобри, но и многу со полоша статистика. Исто така, јасно е дека  вакцинацијата  не може целосно да спречи заразување, но може да спречи развој на тешка форма на болеста. Значи, секој што се решава да се вакцинира, тоа првенствено го прави за себе. Но, за оние 24% во земјата кои немаат примено ниту една доза вакцина, веќе нема ниту еден аргумент на светов со кој може да се убедат.  Ова беше и аргумент против воведување задолжителна вакцинација.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Шолц едноставно се откажа

Зошто владата сепак ги остави работите да течат и се заби во ѕид, останува мистерија. Очигледно, таа веруваше дека ЦДУ и ЦСУ, чии премиери во сојузните покраини беа за задолжителна вакцинација, на крајот ќе им помогнат да се собере мнозинство. Но, опозицијата не го стори тоа. Канцеларот Шолц сега кусо изјави дека нема да има понатамошен обид за воведување задолжителна вакцинација, како што посочи неговиот министер за здравство Карл Лаутербах по поразот. Шолц јасно калкулира дека не му е потребен уште еден таков пораз.

Владата ја поткопа довербата

Во што точно се состои штетата која настана? Уште во зимата кога само неколку недели беа на власт, сите водечки функционери се залагаа за воведување обврска за вакцинација. Нивното потфрлање сега ја поткопува довербата на луѓето во општата анти-корона политика. Најновата анкета спроведена на сојузно ниво од институтот Инфратест-Димап, „Тренд во Германија”, покажува јасно дека мнозинство од приврзаниците на ЦДУ, ЦСУ, СПД и Зелените и натаму се за воведување таква обврска. Што да мислат сега сите овие луѓе ако Бундестагот со часови дебатира и на крај нема резултат?

Вакцинирај се”? Никој веќе не може тоа да го слуша 

Сето тоа може да се одрази негативно наесен, кога ќе порасне бројот на инфекции, а особено тешките форми, токму кај постарите невакцинирани лица. Тогаш политиката би можела да биде принудена повторно да воведе ограничување на контакти или затворање на продавници. 

Зошто луѓето тогаш без отпор би требало да ги следат мерките? 

Досега големо мнозинство од германското население ги издржа сите ограничувања кои сега по долги месеци беа укинати: носењето маски, затворените продавници и ресторани. Ако наесен на властите не им успее луѓето да ги убедат дека се повторно нужни такви ограничувања, тогаш и владата ќе има свој удел со тоа што недоволно се ангажира околу обврската за вакцинирање.

Да се надеваме на најдобриот исход. Повеќе од тоа не ни преостанува. Да се вакцинираме останува апел кој се однесува на сите нас, но ретко кој уште има нерви да го слуша.