1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Договорот со Бугарија има дух, да му дадеме и душа

26 јули 2017

Владите на Бугарија и Македонија го усвоија текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Детали објави премиерот Заев, потенцирајќи дека тој е во согласност со националните интереси на Македонија

https://p.dw.com/p/2hBe8
Bulgarien Mazedonien Zaev bei Borissow in Sofia
Фотографија: Reuters/S. Nenov

На 1-ви август во Владата на Република Македонија ќе биде потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, соопшти денеска премиерот Зоран Заев. Тој попладнево на прес-конференција ја информираше јавноста за усогласениот текст на Договорот, кој беше усвоен на синоќешната владина седница, заедно со одлуката да биде потпишан од страна на премиерот. Заев рече дека Договорот ќе биде потпишан во два примероци: на македонски јазик согласно Уставот на Република Македонија и на бугарски јазик согласно со Уставот на Република Бугарија.

„Мојот потпис ќе стои на двата примероци, исто како и потписот на премиерот Бојко Борисов“, рече Заев, и потенцира: „Овој договор е во согласност со националните интереси на Република Македонија.  Ова е голем чекор и одраз на новиот дух на политичари кои градат мостови, а не рушат. Решени сме да водиме политики кои решаваат проблеми, а не создаваат. Од другата страна имаме пријател и сосед со добра волја. Договорот не треба да биде само текст, туку треба да има душа, да има уште поголем дух и од она што самиот текстот го предвидува“.

Нови перспективи

Заев рече дека новата влада застанала на евроатлантскиот пат, реформите и современи добрососедски односи, а договорот со Бугарија е уште еден сериозен исчекор за перспективите на Македонија. Притоа прецизираше дека постои обврска Договорот да не биде толкуван така што ќе противречи на билатерални и мултилатерални договори потпишани од двете земји, што значи дека гарантира почитување на сите меѓународни конвенции и договори. Запрашан дали овој Договор ќе ја намали побарувачката на бугарски пасоши, премиерот одговори: „Договорот ќе помогне таа миграција да биде стопирана, бидејќи не доближува кон ЕУ и ни отвора перспективи. И засилената економска соработката со Бугарија ќе значи и повеќе работа, што ќе значи помал одлив на младите од земјава“.

Bulgarien Mazedonien Zaev bei Borissow in Sofia
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Договорот може еднострано да се раскине, но Заев изрази надеж дека тоа никогаш нема да се случи. Според премиерот, тој е основа за разивање на добрососедство, за поврзување со патна и гасна инфраструктура, за поголема трговска размена, за изградба на Коридорот 8 за кој Македонија на самитот во трст од ЕУ доби грант од 70 милиони евра, за царински и гранични олеснувања, за економска соработка меѓу бизнисмените. Тој најави дека целта е да се градат пријателски односи меѓу двете земји и да се афирмираат европски вредности, а Владата ќе се огради од каков било говор на омраза, национализми и недобронамерна пропаганда.

Пример за соработка

Имајќи ја предвид заедничката историја која ги поврзува двете земји, со договорот е предвидена заедничка комисија на паритетна основа за образовни и историски прашања, која ќе има обвска да дава  едногодишен извештај за своето работење пред владите на двете земји.

„РМ се издигнува за пример на соработка во Југоисточна Европа. Ве повикувам сите да гледаме напред. Република Бугарија го поддржува приемот на РМ во ЕУ и НАТО без поставување услови и со желба за пренесување на своето искуство“, рече премиерот.

Тој се заблагодари на успехот на сите влади кои работеле на Договорот, а кој оваа влада го финализираше.

И владата на Бугарија на денешната седница го одобрила текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Македонија. Бугарскиот премиер Бојко Борисов, како што наведуваат од владината прес-служба, изјавил дека потпишувањето на договорот е израз на желбата на земјата да изгради модерни, добрососедски односи, засновани на европски вредности.