1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ е партнер на Груевски во криминалот и корупцијата

Б.Георгиевски16 јуни 2015

СДСМ денеска продолжи со објавување на „бомбите“ а на удар се најдоа функционерите на владејачката ДУИ. Заев дава уште десет дена рок за постигнување договор

https://p.dw.com/p/1Fi56
Фотографија: Petr Stojanovski

ДУИ исто така сноси одговорност за „ужасната состојба“ во Македонија, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска, презентирајќи аудио снимки од разговори на водечките функционери на албанската партија во Владата. По повеќедневна пауза поради преговорите со посредство на ЕУ, СДСМ денеска продолжи со објавување на ткн. „бомби“, а овојпат на удар се најде ДУИ.

Од презентираните разговори можеше да се слушнат договори за уривање на дивоградби, посредување за продажба на недвижности, доделување на Слободната економска зона во Тетово на финансиер на ДУИ, како и пазарења за распределба на владините ресори според принципот „кое носи повеќе пари“. Главни „актери“ во разговорите се лидерот на ДУИ Али Ахмети, премиерот Никола Груевски и високите функционери, министри и пратеници на албанската партија.

„Примарната цел на ДУИ поради која останувале во владата била моќ, власт и пари“, изјави Заев.

Тој најави дека објавувањето на „бомбите“ ќе продолжи и во следниот период, сѐ додека не се постигне договор за преодна влада.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski

Уште 10 дена за решение за кризата

Заев дава рок за решение на кризата во следните десетина денови, а доколку дотогаш нема договор, неговата партија повторно ќе се насочи на мирни и ненасилни механизми.

„Треба проверка на избирачкиот список, ама не само од страна на Груевски, треба да се отвори избирачкиот закон, дали ќе отвори нови процеси за иднината и демократијата, да се реши за гласањето на дијаспората, за изборните единици. Кој тоа ќе го гарантира, оваа иста влада? Ќе му веруваме на Груевски?“, рече Заев.

Заев очекува во разговорите во наредниот период да се вклучи и американскиот заменик државен секретар Викторија Нуланд која наскоро доаѓа во посета на земјата и на регионот.

„Таa доаѓа во регионот, во посета договорена од пред повеќе од еден месец. Не ја исклучуваме можноста ако има добра намера да се вклучи во процесот, иако кажав дека во следните десет дена ќе се обидеме, ако не, нема што да се мачиме повеќе“, рече Заев.