1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамвај во Скопје: Почна на шини, заврши на тркала

БГ
31 октомври 2019

По една година од најавата на градоначалникот Шилегов дека се работи на проект за изградба на трамвајска линија во главниот град, Скопје веројатно ќе добие брза автобуска линија на струја.

https://p.dw.com/p/3SJlw
Petre Shilegov
Фотографија: The City of Skopje

Премиерот Зоран Заев од собраниската говорница денеска најави дека во Скопје ќе се гради електрична трамвајска линија, но градоначалникот на главниот град Петре Шилегов вечерва вети дека скопјани ќе добијат брз автобуски превоз. Според Шилегов, долго најавуваниот трамвај ќе биде заменет со автобуси на струја кои нема да го загадуваат воздухот.
„На крај сме на разговорите со владата за финансирање на проектот. Планираниот трамвај во полн профил ќе го замениме со ткн. Бас рапид транзит (Брз автобуски превоз, н.з.)“, рече вечерва Шилегов на одбележувањето на двегодишнината од неговото градоначалствување.
„Технологијата што јас ја одбирам е погон на водород со нус продукт водена пареа. Тоа ќе продуцира емисија на нула штетни гасови во атмосферата.“
Шилегов вели дека со овој проект нема да биде опфатен само „рбетот на градот“, односно оската исток-запад, туку новиот транспорт ќе оди и по линијата север-југ, односно од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, и од Кисела Вода до Бутел.

Verkehrsknotenpunkt in der Essener Innenstadt, traffic in the inner city
Трамвајска линија во германскиот град ЕсенФотографија: picture alliance/blickwinkel/G. Czepluch

Трамвајот стана автобус
Нејасно е каде во приказната се загуби трамвајот кој попладнево во Собранието го најави Заев, а пред една година и самиот Шилегов. Заев од собраниската говорница го најави трамвајот како дел од мерките против загадувањето во главниот град и намалување на сообраќајниот метеж.
„Владата има намера да ги заврши своите работни состаноци со Градот Скопје и да влезе во проект којшто ќе го овозможи електричниот трамвај во Скопје, со проектирана вредност некаде околу 100 милиони евра“, најави Заев. Дополни дека се работи за „електричен трамвај на гуми“.
Еден вид на трамвај на гуми кој го произведуваше фирмата „Бомбардие" се користеше во неколку европски градови, конкретно француските Каен и Нанси, но беше напуштен како нерационален. Вториот систем наречен „Транслор“ се користи во италијанската Падова, во неколку француски градови и во Кина, но тој е далеку поскап од нормалната трамвајска линија.
Во декември 2018 година, градоначалникот Петре Шилегов најави дека ќе гради шинска трамвајска линија во Скопје. Шилегов тогаш соопшти дека „решението е изготвено“ и дека реализацијата на капиталниот проект ќе почне уште годинава. Проценката на Шилегов беше дека целиот проект за изградба на шините, депо и набавка на возила, ќе чини меѓу 130 и 150 милиони евра. 
Според вечерашната најава, во прашање е сепак нешто трето, односно Брз автобуски превоз.

Bus Busse Skopje Mazedonien Öffentlicher Nahverkehr
Скопје во 2011 година доби кинески двокатни автобуси во вредност од над 35 милиони евраФотографија: picture alliance/dpa

Проблеми во Јужна Америка
Брзиот автобуски превоз или Bus rapid transit (BRT) не е новина во светски рамки, и тој систем најчесто го користат државите во Јужна Америка, делови од Африка и Азија, а во последниот период, со појавата на електрични автобуси, и некои европски држави. За првпат е воведен во 1974 година во бразилскиот град Куритиба, а според Википедија, до 2018 година во светски рамки ваков тип на транспорт користеле вкупно 166 градови. Карактеристично за овој систем е што им дава приоритет на автобусите, односно се градат или ослободуваат посебни коловозни ленти само за нив.
Доколку Градот и Владата на крајот се одлучат за овој тип на превоз, тоа значи дека ќе треба да бидат изградени посебни коридори или коловози кои ќе ги опслужуваат патниците, или пак да се ослободат некои од постојните. Шилегов најави дека автобусите кои ќе се набават ќе бидат 24-метарски и ќе имаат капацитет од околу 200 патници.
Проблемот што најчесто се јавува во земјите кои го користат БРТ системот се турканиците и доцнењето на линиите. Во повеќе земји (Колумбија, Индија, Чиле) се случува брзите автобуски линии да страдаат во бавниот градски сообраќај, во други (САД, Британија) брзите ленти после неколку години се пренаменуваат за користење и во редовниот сообраќај поради големите турканици. Сето тоа го прави системот неефективен.
Што се однесува до автобусите со водородни келии кои ги посакува Шилегов, нивниот главен извор на енегија е струјата и тие се сметаат за модерни и квалитетни. Водечки производител на вакви автобуси во моментов е германскиот Дајмлер-Мерцедес, кој користи келии на фирмата Балард. Во зависност од производителот овие автобуси чинат од еден милион евра па нагоре.

Brasilien Vorbereitungen für die Olympischen Spiele öffentlicher Verkehr
Брза автобуска линија во Рио де Жанеиро изградена за Олимписките игри Фотографија: CDURP