1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Прислушувала домашна служба

Б. Георгиевски28 април 2015

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев вели дека поседуваат докази оти прислушувањето во земјата го вршеле домашните служби, а не странски, како што тврди премиерот Груевски

https://p.dw.com/p/1FGNy
Фотографија: Petr Stojanovski

Доказите кои ги поседува СДСМ потврдуваат дека прислушувањето во Македонија се вршело од домашните служби по наредба на шефот на УБК, Сашо Мијалков и премиерот Никола Груевски, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес-конференција, на која беа објавени нови прислушувани разговори во рамките на т.н. 27 „бомба“.

„Податоците потекнуваат од постоечкиот систем во Управата за безбедност и контраразузнавање на МВР. Нема ниту странски служби, ниту шпионажа“, рече Заев.

Заев вели дека поседуваат транскрипти од повеќе од 100 илјади разговори и 18 илјади СМС пораки и 12 илјади различни телефонски броеви.

„Се работи за масовна операција на нелегално прислушување од гигантски размери. Дел од оваа документација е однесен во јавното обвинителство, дел е предаден за понатамошната постапка, а комплетната документација ќе биде предадена кога ќе биде разграничена правосудната од извршната власт. Прислушувани се 20.000 телефонски броеви на повеќе од 12.000 граѓани“, рече Заев.

Според него, службите на УБК детално ги класифицирале овие разговори, имале транскрипти, сè било систематизирано во табели, според сопственици и корисници на телефонските броеви, според определени шифри.

„На пример кодното име на Бранко Црвенковски било Крст, на Миле Јанакиески – Путин, на Силвана Бонева – Босил, на Владо Бучковски НДС Буба, на Драган Павловиќ Латас – Талас...“, рече лидерот на СДСМ.

На прес-конференцијата беа објавени десетици снимки од наводни разговори, кои датираат од 2012 година, меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на УБК, Сашо Мијалков, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Во поголемиот дел од разговорите државните функционери наводно се договараат како да ги ограничат овластувањата на собраниската Комисија за надзор над работата на УБК.

Заев најави дека СДСМ ќе организира голем протест на граѓаните во мај годинава, но тоа, според него, нема да биде „обичен протест“.

„Гневот расте. Гневот ќе се истури по улиците во главниот град. Но тоа нема да биде обичен протест, да дојдеме, да си го кажеме своето и да си одиме. Овојпат нема да си одиме додека оваа власт не си замине“, рече Заев.