1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Формален извештај за маскирање на „црниот понеделник“

СН/АТ/миа24 август 2013

Лидерот на македонската опозициска партија СДСМ, Зоран Заев денеска изјави дека одговорноста за неуспехот да се постигне договор на Комисијата за настаните на 24 декември 2012 година е кај владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ

https://p.dw.com/p/19VcL
Фотографија: MIA

„СДСМ вложи максимални напори да се подготви конечен извештај на Комисијата за настаните од 24-ти декември минатата година, неопходен пред сѐ за македонската јавност, но и за нашите европски и евроатлантски интеграции“, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Во доцните часови синоќа, како што посочи, биле блиску до договор.

„Понудивме повеќе од 20 опции за констатирање на прекршување на Уставот во случајот со отстранувањето на новинарите и на пратениците. За жал, премиерот Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не успеаја да го направат последниот чекор. Не беа подготвени да констатираат противуставност при отстранувањето на новинарите од собраниската сала на критичниот ден“, рече Заев.

Тој додаде дека извештај на Комисијата без заклучоци за уставни прекршување е формален извештај за маскирање на „црниот понеделник“.

Според него, СДСМ во целост ги исполни обврските од првомартовскиот договор и со тоа докажа дека секогаш за партијата државните интереси се над партиските. „Вложивме максимум и направивме сѐ Комисијата за 24-ти декември да има успешна работа. За неуспехот на Комисијата целокупната одговорност ја презема владејачката ВМРО-ДПМНЕ“, рече Заев.