1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев „чести“ пред избори, колкав ќе биде цехот?

Костадин Делимитов
12 ноември 2019

Во стилот на својот претходник, Заев предизборно го одврзува државното чекмеџе. Но за историско зголемување на платите. Синдикатите задоволни, експертите со доза на скептичност и загриженост.

https://p.dw.com/p/3SrV5
Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Историско зголемување на платите во здравството, историско зголемување во образованието, најава за значително зголемување на пензиите. Како наближуваат предвремените парламентарни избори, така се множат ветувањата за повисоки плати во јавниот сектор. Повеќе пари добиваат сите во администрацијата, но најмногу се офајдуваат лекарите специјалисти, чии плати ќе се зголемат дури за 25% од февруари, односно наставниците кои ќе добијат 10% повеќе почнувајќи од јануари. Екстра зголемување, на она што го добија сите административци од 5% кое се пресметува со платата за октомври која почнува да се дели периодов.

Платите да растат со продуктивноста

Владата е задоволна што платите растат, експертите пак помалку се скептични, но и загрижени пред сѐ поради драстичното зголемување во одредени сектори. Немаат дилеми дека платите треба да растат, но предупредуваат дека тоа треба да е резултат на продуктивноста:

„Какви ќе бидат ефектите од овие зголемувања ќе зависи од тоа колку ќе можат да се обезбедат одржливи извори на финансирање. Доколку тие се обезбедат, тогаш тоа е добро и е за поздравување, и покрај тоа што не е обезбедено како резултат на зголемена продуктивност. Но сето ова што се зголемува во јавниот сектор, државната администрација, не покажува дека таа станува поефикасна и поефективна. Економска законитост е дека зголемувањето на платите се мери преку продуктивноста. Сѐ што не е проследено со продуктивност е неодржливо. Но, од друга страна, од фискален аспект треба да се види дали се обезбедени одржливи извори на финансирање, или пак тоа ќе биде само дедомразовски, пред избори", предупредува универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.

Abdulmenaf Bedzeti Akademiker Mazedonien
Беџети: Дали се обезбедени одржливи извори на финансирање, или пак тоа ќе биде само дедомразовски, пред избори?Фотографија: Sveto Toevski

Непопуларен тренд

Тоа што предизборно власта ветува „брда и долини“ не е непознато за македонската јавност. Но она што изненадува, според упатените, е што оваа влада почнува да го копира она што беше главна карактеристика на власта на Никола Груевски:

„Апсолутно продолжува на некој начин тоа за што уште пред 10 години ако се сеќавате постојано предупредувавме дека ќе биде лошо ако стане навика. Така што, ако некој функционирал 11 години на овој начин, така и овие слично продолжуваат предизборно да ја прават таа фискална експанзија. Но сепак, зависи колку има фискален простор обезбеден во буџетот“, предупредува Беџети.

Како стојат работите на овој план ќе стане појасно откако јавноста ќе го добие на увид буџетот за 2020 година, кој според најавите денеска треба да се најде на седница на владата. По вторпат, откако минатата недела предлогот беше повлечен на доработка. Сепак, првичните сигнали, според Беџети, веќе упатуваат на внимателност и загриженост:

„Светска банка најавуваше и како една од црните точки укажуваше на дисбалансот помеѓу приходите и расходите во буџетот, така што ова што се најавува ќе ги зголеми јавните расходи. Е сега, колку и од каде ќе се обезбедува, е прашање. Имате 40 милиони евра за образование, 40 милиони за пензии, уште двапати толку за социјална заштита и субвенции, сѐ на сѐ ефектот е 100 на милиони евра повеќе. А тоа не се трошоци кои што се еднократни, туку треба секоја година да се обезбедат. Треба да имате фискален простор, тој е три до четири проценти од буџетот секоја година и, ако немате одржливи извори, следната година ќе ви се претвори во дефицит и тогаш би влегле во спиралата на зголемување на јавниот долг,  а ние на овој план веќе сме со надмината граница. Промените се во делот на структурата, а таа во делот на расходната страна е одржлива. Што и да настане таа нема да се корегира, платите не се флексибилни во намалување, во никој случај не можете да ги адаптирате надолу, туку само нагоре. Тоа е основна економска теорија и затоа тие треба постојано да се следат со продуктивноста. Сѐ што е над тоа, тешко нам“, укажува Беџети.

Повеќе:

Буџетот оди под нож за повисоки плати

СДСМ: Не е време за избори, туку за економија и раст на платите

Внимателно со платите!

На внимателност во делот на платите неодамна предупреди и Светска банка, која во извештајот за состојбите во македонската економија на власта ѝ препорачаа да внимава со зголемувањата на платите во јавниот сектор, но и на минималната плата, бидејќи кога тоа е поврзано со намалена продуктивност, може да ја загрози конкурентноста на економијата.

„Континуираниот тренд на зголемување на платите, особено во трудово интензивните дејности, заедно со намалувањето на продуктивноста на трудот во повеќето сектори, ја загрозува конкурентноста на економијата, бидејќи единечната цена на трудот се зголемува“, пишува во извештајот на Светска банка.

Mazedonien Geld Denar
Растот на платите беше едно од клучните предизборни ветувања на СДСМФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Буџетски рекорд

Она што е сигурно е дека буџетот во изборната година ќе ги урне сите рекорди. Јавноста шпекулираше дека тој може да се проектира на огромни 4,4 милијарди, но сега се најавува дека тој нема да надмине 4 милијарди евра. Опозицијата критикува дека власта спроведувала погубни економски политики и сакала да спроведе рекордно тежок буџет кој ќе се користи за предизборни цели и поткуп на гласачи. Од владата пак тврдат дека фокусот се инвестициите во човечкиот капитал. Стратегијата била подготвувана одамна, се базирала на растот на економските бројки и немала врска со предизборен поткуп

„Очекувам буџетот да биде усвоен на владината седница. Многу сум среќен затоа што е скроен таков буџет. Знам дека ќе добиеме економска година со вложувања во човечки капитал“, изјави премиерот Зоран Заев.

Од структурата на државната каса ќе стане јасно дали ќе може да се очекуваат и дополнителни изненадувања во делот на повисоки плати, пензии или друг вид субвенции. Јавноста периодов е сведок на еден куп вакви барања и тоа во повеќе сектори. Незадоволни се административно техничкиот персонал во здравството кои, според последниот договор, не добиваат никакво зголемување на платите. Повеќе пари бараат и судските административци, а исто така и вработени во Фондот за здравство.

Платите се клучно ветување на СДСМ

Растот на платите беше едно од клучните предизборни ветувања на СДСМ, која вети просечна плата од 500 евра. Во досегашниот мандат таа достигна близу 25.127 денари што е се`уште под посакуваното ниво. Сепак, премиерот Заев уверува дека таа ќе станела реалност во текот на наредната година. Паралелно со растот на просечната, со законски измени се утврди и повисока минимална плата. Од 9.000 денари, таа сега изнесува 14.500 денари.

Каква е состојбата со македонските плати покажуваат споредбените статистички податоци со регионот. Депримирачки, Македонија е сѐ уште на дното со месечен просек од 410 евра. Пред неа се Албанија со 423 евра, Босна и Херцеговина со 473 евра, Србија со 454 евра, Црна Гора со 512 евра. Најдобро во регионот стојат Хрватска и Словенија кои се членки на ЕУ со просечни плати од 873, односно 1108 евра.