1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заеднички буквар за сите Албанци во регионот

26 март 2011

Единствен буквар за сите албански првачиња на Балканот, или буквари за тие првачиња различни во секоја од петте држави, во кои живеат припадниците на овој етникум. Дали албанските ученици ќе добијат унифицирани учебници?

https://p.dw.com/p/10hoi
Фотографија: DW/Fatos Musliu

Во Албанија, во Косово, во грчката покраина Чамерија, во регионот на Прешево во Јужна Србија, како и во Црна Гора и во Македонија, Албанците веќе имаат формирано комисии за изготвување унифицирани учебници со единствени наставни содржини во областа на историјата, географијата, или културното наследство. Според ваквите информации, објавени во албанскиот печат во Македонија, се планира првиот таков учебник, со кој ќе се стартува, да биде букварот. Во период за една до две години.

Институтот за заштита на културното и духовното наследство на Албанците во Македонија – државна институција од културата и Сојузот на историчарите – Албанци во земјата се во постојан контакт со Институтот за интегрирање на албанската култура од Тирана, во кој се наоѓа централната комисија за подготвување на интегрираните учебници за албанските ученици во целиот балкански регион. Покрај ова, албанскиот печат објави и дека извесен Ибрахим Гаши од споменатиот институт во Тирана, како претседател на централната учебникарска комисија, во изминативе месеци имал средби во Македонија со експерти од соодветниот институт од Државниот универзитет во Тетово, како и со раководните луѓе на здруженијата на историчарите и наставниците – Албанци во земјата.

Експертите со спротивставени ставови

Mazedonien Land und Leute Schüler in einer Grundschule
Фотографија: Petr Stojanovski

Скендер Хасани, претседателот на асоцијацијата на историчарите – Албанци, ни потврди дека се работи на изготвување заеднички учебници, но, само додавајќи дека „се е во почетна, подготвителна фаза“.

Запрашан конкретно за пишувањето на заедничкиот буквар, Нухи Дардишта, првиот човек на здружението на наставниците – Албанци, за Дојче веле напоменува:

„Треба да биде еднакво, бидејќи е еден ист јазик. Од 1908 година ние имаме иста азбука на сите територии на Албанците.“

Ѓулумсере Касапи, професорка по училишна педагогија на катедрата за албански јазик на државниот Педагошки факултет во Скопје, истакнува:

„Ова не се прави заради некакви политички амбиции, туку заради јазична монолитност и заедничко запознавање на учениците – Албанци со минатото и сегашноста.“

Децата мора преку букварот да ја почувствуваат Македонија како своја држава

Илија Ацески од Социолошкиот институт на државниот Филозофски факултет во Скопје смета:

„Тоа води кон натамошно двоење, кон сегрегација и нетолеранција. Не води кон заеднички живот на различните етнички групи на овие простори. Букварот, или било каков учебник за ученици во овие пониски степени на образованието, би било добро кога би се однесувал на сите етнички групи, кога би го користеле сите, без оглед на нивната верска, или национална припадност.“

Што се однесува до букварот за сите албански првачиња професорката Касапи вели:

„Многу е логично за секој јазик, првенствено за букварот, да биде еден и единствен, каков што е и самиот јазик. Ова го велам и за другите јазици, нормално.“

Професорот Ацески реплицира:

„Албанците во Македонија мора да се соочат со тоа дека живеат во заедница, која има одредени нормативи на живеење, нешто што ќе ги интегрира во системот. Преку букварот децата мора да ја почувствуваат и Македонија како своја држава.“

Mazedonien Land und Leute Schule Unterricht in Brodec
Фотографија: Nikos Pilos

На барање на Дојче веле за коментар за започнатите активности за пишување единствен буквар, што би го користеле и првачињата – Албанчиња во Македонија, Министерството за образование преку портпаролот Горан Галевски соопшти во писмена форма: „Во Педагошката служба на ресорното министерство досега никој не пријавил активности за пишување нов буквар на албански јазик. Ако биде отпечатен таков учебник, спротивно на законските прописи на државата, ќе биде забранета неговата употреба во училиштата“. Меѓутоа, иницијативата за унифицирани албански учебници, која официјално ја промовираше лично албанскиот премиер Сали Бериша уште во март лани, продолжува да се конкретизира во Македонија под слоганот „Еден народ, еден јазик, една историја“. Најавено е и дека централната учебникарска комисија наскоро ќе се состане во Тирана, сепак, со најави дека „ќе бидат почитувани образовните политики во петте држави во кои живеат Албанците“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Борис Георгиевски