1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заеднички против грчките дискредитации

27 ноември 2007

Во Брисел се одржа четвртиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и ЕУ. Таму силите ги одмерија македонските и грчките парламентарци,чии амандмани за намалување на македонските успеси не поминаа

https://p.dw.com/p/CTlp
Во Брисел успешен настап на македонските парламентарциФотографија: Photo European Parliament/Architecture Studio

Во завршниот документ што ќе произлезе од дводневното заседание на Мешовитиот комитет Македонија-ЕУ, решавањето на спорот околу името нема да влезе како услов за натамошниот напредок на Македонија кон Унијата.Тоа се должи пред се‘ на обединетиот настап на македонските пратеници на состанокот на комитетот, кои денеска без разлика дали се од редовите на власта или од опозицијата, им се спротивставија на нападите на грчките парламентарци кои се обидоа да ги издраматизираат проблемите во Македонија и да ги намалат досегашните постигнувања на земјата.

Еден од најгласните беше претставникот на грчката радикална партија, Лаос, Георгиус Георгиу, кој рече дека Македонија наместо да бара решение за спорот провоцира тензии и сериозно ги нарушува добрососедските односи. Георгиу, во своите квалификации отиде и подалеку, велејќи дека Македонија во многу случаи ги игнорирала критериумите од Копенхаген, ососбено за малцинските права, дека ги тероризирала Албанците во парламентот и лошо се однесува кон Ромите во земјата. И, истовремено, зборувајќи емоционално, Георгиу наместо да и се обрати на земјата со БЈРМ, ја нарече само Македонија. По првичните меѓусебни искричења, македонските пратеници од власта и опозицијата, се обединија. Пратеничката на ДПА ги разоружа Грците со тврдењето дека во Македонија почнало многу интензивно вклучување на етничките заедници во институциите, а социјалдемократот Игор Ивановски дополни дека кога се говори за малцинските права во Македонија треба да се нагласи дека тие што сега се поставуваат во Македонија, се едни од највисоките во светот воопшто.

Без компромис нема договор

На состанокот на Мешовитиот комитет не помина ниту барањето на бугарскиот парламентарец, Евгениј Кирилов Македонија да ги обнови бугарските споменици и воени гробишта во земјата. Тој не беше подготвен да прифати компромисен амандман, во кој се бараше и Македонија, но и Бугарија да склучат билатерален договор, со кој ќе го утврдат односот кон спомениците и гробиштата во двете земји. Според Кирилов, во Бугарија не постојат македонски споменици. За време на дебатата беше допрено и прашањето на пасошите, и во завршниот документ од состанокот се вели дека Грција треба да ја примени европската регулатива и да го признае македонскиот документ.

Завршниот документ од состанокот на мешовитиот комитет на крајот од дебатата е на иста линија како и извештајот на ЕК за Македонија, а европарламентарецот Јелко Каци, вака ја оцени денешната расправа: “Мислам дека дискусијата беше многу конструктивна. “

Сликата не е црно- бела

Инаку, вчера, во дебатата за тоа како Македонија стои на патот кон унијата, Јан Трусчински од Директоратот за Македонија во ЕУ, рече дека ситуацијата не е исклучиво позитивна или негативна, туку е мешавина од тоа. Тој уште еднаш упати апел и ја охрабри Македонија да го реши проблемот со Грција околу името, зашто како што рече, тој трае предолго.

Од седницата на Мешовитиот комитет, се слушна и пораката дека Македонија нема што да очекува од самитот на ЕУ во декември. Португалскиот претставник, Антонио Тангер, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, рече дека на Лисабон би му било чест да може да најави почеток на преговори за членство, но реформските обврски Македонија не ги има исполнето и оттука нема на што да се надева на наредниот самит. Тангер предупреди дека Македонија во наредниот период може да се соочи со проблеми на границата со Косово. Проблемите на Косово се предизвик и за унијата и затоа Македонија и ЕУ ќе треба да соработуваат и да се потпираат една на друга за спречување и решавање на евентуалните проблеми.