1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Закани и дипломатски преговори: се комплицира ситуацијата во Иранската криза

19 јануари 2006

Францускиот Претседател Жак Ширак денеска се закани со употреба на нуклеарно оружје против терористичките држави.

https://p.dw.com/p/Ac9g
Жак Ширак
Жак ШиракФотографија: AP

Не спомнувајќи на чија адреса оди предупредувањето Ширак изјави дека „лидерите на држави што се служат со терористички средства или пак размислуваат за користење оружје за масовно уништување мораат да сметаат со соодветен одговор на Франција, што нема да се ограничи на конвенционално оружје„ – изјави Ширак во базата за подморници на нуклеарен погон во Ил Лонг.

Во меѓувреме комплицираната игра околу Иранската атомска програма продолжува на повеќе канали. Дипломатите на петте земји членки со право на вето во Советот за безбедност и на Германија ги нижат контактите еден по друг во обидот да се изврши притисок врз раководството во Техеран да се откаже од натамошниот развој на атомската технологија.

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер и понатаму се залага за дипломатско решение за спорот со Иран. Тој денеска во Каиро разговара со египетскиот Претесдател Хосни Мубарак околу евентуалната посредничка улога на Египет во спорот. Вчера по средбата со ресорниот колега Геит, Штајнмајер посочи:

„Дојдовме до заедничка проценка дека притисокот врз иранската влада мора да остане. Ќе останеме во тесна соработка при расправата на оваа тема во Советот на гувернерите на Меѓуанродната агенција за атомска енергија, како и подоцна во Советот за безбедност на ОН.„

Египет е имено член на Советот на гувернерите на Агенцијата со седиште во Виена.

Во слична насока оди и тонот од вчерашната средба на германската канцеларка Ангела Меркел со францускиот премиер Доминик Девилепен:

„Мислам дека треба да размислуваме чекор по чекор и пред се‘ да поставиме знаци за Иран да почувствува дека меѓународната заедница нема да прифати Иран да не ги извршува преземените обврски.„

Францускиот шеф на дипломатијата Филип Дуст Блази денеска на истата тема разговара со рускиот колега Сергеј Лавров, во обидот да го смени ставот на Москва која бара дипломатско решение на спорот бидејќи во Иран има важни економски инетреси. Русија и Кина, како постојани членки на Советот за безбедност на ОН, важат за заштитници на иранската влада. Кинескиот министер за надворешни реаботи Ли Жаоџинг денеска телефонски разговараше со иранскиот ресорен колега. При тоа и тој се заложи за дипломатско решение на спорот и поголемо трпение на сите страни во спорот.

Во меѓувреме едно арапско списание објави дека Иранската Централна банка повлекла осум милијарди долари од девизните сметки во Европа, освен од Швајцарија. Високиот совет на револуцијата наводно издал наредба средствата да се префрла во банки во Азија за да се спречи евентуален притисок на европските држави преку замрзнување финансиски средства на Иран.

Шефот на германската тајна служба Ернст Урлау оценува дека Иран може за само неколку месеци да создаде атомска бомба. Слично тврдеше и израелскиот министер за надворешни работи Силван Шалом уште во септември, кога посочи дека на Иран му треба околу половина година. А експертот за исламскиот свет Марван Або Таам смета дека целата афера има други стратешки сметки. Иранското раководство наводно сака да предизвика ограничена воена операција на САД за да добије бран симпатии од исламскиот свет. При тоа иранските атомски капацитети не можат да бидат уништени со ограничена воена операција, туку само со сеопфатна војна што во себе крие огромни ризици за стабилноста во целиот регион и во светот.