1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Закани кон Балканот

ЖА/фац/зц7 ноември 2012

Со укинувањето на визите за Србите, Македонците и Албанците, ЕУ придонесе многу повеќе за регионот отколку со многуте скапи програми. Еврокомесарката Сесилија Малмстром претерува со заканите за повторно воведување визи.

https://p.dw.com/p/16f4F
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во текстот под наслов „Закана“, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува за значењето на слободата на патување за граѓаните на Западен Балкан:

„За земјите од Западен Балкан е важно нивните граѓани, барем оние младите, да имаат контакти со земјите од странство, од Запад. Оној кој студирал или работел во Германија или Франција, дома донесува искуство, знаење и модели на однесување кои таму се итно потребни. Со укинувањето на визите за Србите, Македонците и Албанците, ЕУ придонесе многу повеќе за регионот отколку со многуте скапи програми. Овде важи она што беше речено и при укинувањето на граничните контроли во Шенгенскиот простор: постојат многу повеќе предности отколку негативни страни и мани. Еврокомесарката Сесилија Малмстром е во право кога од владите на балканските држави бара соработка во сузбивањето на илегалната миграција. Но, таа малку претерува со заканите за повторно воведување визи“, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Весникот „Зиддојче цајтунг“, пак, во тексот под наслов „Беспомошни спасувачи“ се осврнува на должничката криза во Грција.

„За возврат за донесувањето дополнителни мерки за штедење во Атина, меѓународните кредитори на Грција и‘ одобруваат повеќе време и пари. Не од великодушност, туку од страв од алтернативите. Наместо да ја повлече кочницата, Тројката од ЕУ, ЕЦБ и ММФ бара дополнителни милијарди, иако владата во Атина потфрли во поставените цели. Од тоа произлегува трул компромис. Тоа не ја подобрува ситуацијата на Грците, вредни за жалење, туку ја обелоденува беспомошноста на спасувачите.

Има се‘ помалку политичари и економисти кои веруваат во тоа дека Грција ќе успее да постигне развој и нови работни места. Напротив, долговите растат, очајот на Грците исто така, како и ризиците на кредиторите. Но, спасувачите изгледа се на крај на својата моќ за лекции. Тие не сакаат отворено да се изјаснат - дека Грција и без „но“ и „ама“ припаѓа на еврозоната. Но, немаат ниту план Б за исклучување на Грција. Затоа повторно политичарите малку ’тегнат’: уште повеќе реформи, уште повеќе време, уште повеќе пари. А, трошоците на крајот можат да бидат многу поголеми отколку отпис на долговите“, коментира „Зиддојче цајтунг“.