1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за амнестијата во Македонија е проблематичен

Тони Гламчевски9 април 2013

Интервју за Дојче веле на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, кој денеска (09.04.) во Стразбур го објавува извештајот по посетата на Република Македонија од 26 до 29 ноември 2012.

https://p.dw.com/p/18C9b
Фотографија: cc-by-sa/Saeima

Посетата на комесарот беше посветена на две главни прашања: транзицијата на правосудството  и општествена кохезија и заштита на човековите права на Ромите.

„Транзицијата на судството е општа тема за сите земји од регионот, меѓу кои и за Поранешната Југословенска Република Македонија“, вели во интервјуто за Дојче веле комесарот Мужниекс.

Неразрешени прашања произлезени од конфликтот во 2001

Во последнава деценија, според комесарот за човекови права, во Македонија направено е многу во сферата на правичната застапеност со спроведувањето на Рамковниот договор.

„Сепак, длабоката политизираност долж партиските линии и феноменот на политички патронат ги ограничија ефектите од овој напредок“, констатира тој. Според него, постојните поделби не можат да се решаваат на површен начин.

За комесарот законот за амнестија е „проблематичен“, бидејќи „тој им дава амнестија на лицата кои имаат направено сериозни кршења на човековите права“.

Во однос на овие прашања, комесарот во извештајот нагласува дека „континуираната неказнивост за тешките прекршувања на човековите права или сериозните кршења на меѓународното хуманитарно право извршени во 2001 е еден од факторите што ги попречуваат напорите да се постигне општествена кохезија и помирување во земјата.“

Makedonischer Soldat mit Scharfschützengewehr
Вооружениот конфликт од 2001 година со реперкусии до денесФотографија: AP

Комесарот е свесен за комплексната политичка ситуација и за легитимните барања за стабилност и мир во општеството што се даваат како контра-аргументи против преземањето дејствија во врска со овие сериозни прашања. Сепак, тој смета дека ваквите дејствија се навистина неопходни. Принципот дека амнестиите не треба да важат за тешки прекршувања на човековите права е потврден од Комитетот на министри на Советот на Европа во Упатствата за искоренување на неказнивоста за сериозни кршења на човековите права, од 2011, како и од Европскиот суд за човекови права во неодамнешната пресуда „Маргуш против Хрватска.“(Судот во оваа пресуда нагласи дека во врска со предмет што опфаќа воени злосторстваа против цивили „давањето амнестија во поглед на ’меѓународни злосторства’ – термин што опфаќа злосторства против човештвото, воени злосторства и геноцид – се‘ повеќе се смета за забрането со меѓународното право)“.

Комесарот беше информиран дека е се’ уште непознато што се има случено со четиринаесет лица исчезнати во текот на конфликтот и тој мисли дека „може да се даде одговор за лицата кои се водат изчезнати за време на конфликтот“.

Поделби  во образованието

„Малцинствата имаат права и посебно јазични права, но мислам дека е потребно да се спроведат мерки за воведување на инклузивно образование, со цел децата од различните клултурни групи да имаат контакти и да се дружат, во спротивно, нетрпеливоста ризикува да се развие многу брзо“, констатира Мужниекс.  Притоа тој со задоволство констатира дека во земјата постои општ консензус за зголемувањето на застапеноста на малцинствата во безбедносните структури. „Тоа придонесува за стабилизирање на земјата“, нагласува комесарот.

Подобрени правата на Ромите, но се‘ уште се потребни големи напори

Што се однесува до правата на Ромите, тој воглавно се интересираше за пристапот до образованието на децата Роми. Напредокот според него во Македонија е реален и залужува да биде поздравен. Всушност бројот на студентите Роми во високото образование се зголеми.

„Сведоци сме за прв пат на зародиш во земјата на една образована ромска елита, нешто што треба да се поздрави. Но во Македонија, како и во многу други земји констатиравме дека Ромите се премногу присутни во установите за ментално хендикепирани деца, што е многу проблематично од аголот на човековите права. Тоа е лоша политика, која е штетна за Ромите, но исто така за целото општество  и таа треба да биде ставена во прашање.“

Roma Familie in Skopje Mazedonien
Положбата на Ромите е подобрена, но може уште повеќеФотографија: picture-alliance/dpa

„Еден образовен систем кој ги разделува децата ќе предизвика сериозни проблеми во иднина. Мислам дека пристапот до образованието, не само за Ромите, и пред се‘ пристапот до едно инклузивно образование и контактите меѓу младите се апсолутно потребни, бидејќи тие дозволуваат да се подготви иднината“, додава комесарот за човекови права на Советот на Европа.

„Се сретнав со многу Роми чии пасоши беа одземени од властите. Разбирам дека Европската унија врши силен притисок во таа област. Но тоа што ме интересираше, е да видам како ова прашање за слободно движење и правото да се побара азил, што е прашање поврзано со човековите права, е разгледувано од македонските власти. Овде исто така се потребни додатни напори“, продолжува тој.

Улогата на медиумите

Мужниекс посебно инсистираше во разговорот на улогата на медиумите во меѓуетничките и меѓукултурните односи.

„Всушност, медиумите можат многу да придонесат во промовирањето на меѓусебното разбирање и борбата против стереотипите и против екстремизмите, но тие можат исто така да го направат спротивното.“

Според него слободата на медиумите има потреба да биде подобрена, не само во Македонија, туку и во други бројни земји.

„Се надевам дека нашата посета и нашите констатации ќе придонесат за да се постигне напредок во дебатата и ќе им помогне на новинарите да размислат за начинот на кој можат да ги промовираат човековите права и меѓуетничката толеранција во Македонија“, вели комесарот Мужниекс.

Лустрацијата со повеќе проблематични аспекти

„Општо земено во источна Европа, лустрацијата може да биде легитимно средство за да се заштитат новите демократии против заканите од претходните режими. Тоа што претставува проблем, е што лустрацијата станува сега актуелна тема, многу години по падот на комунизмот, но исто така временското временското темпирање на законот за лустрација. Ние се сретнавме со повеќе личности кои сметаат дека се неправедно изложени на неа. Ни изгледа загрижувачко што мислењата на Уставниот суд не беа земени во предвид од законодавецот. Ние се надеваме  дека мислењето на Венецијанската комисија за законот за лустрација ќе се покаже корисно и ќе им помогне на македонските власти да го реформираат законодавството и практиката во оваа област“, истакнува Мужниекс.

На крајот од разговорот за ДВ, Комесарот за човекови права на Советот на Европа се надева дека извештајот  ќе предизвика интерес кај различните заедници кои живеат во Македонија, но и дека ќе придонесе за промовирање на реформите.