1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за верски заедници е услов за членство во НАТО

Горан Петрески 18 јуни 2007

Македонија доцни со донесувањето на закон за верски заедници што треба да ја дефинира и позицијата на Православната охридска архиепископија на Јован Вранишковски. Оваа непризната црква во меѓувреме го екипира синодот.

https://p.dw.com/p/Axjm
За членство во НАТО потребно е да се регулира законот за верски заеднициФотографија: AP

Вранишковски кој неодамна излезе од затвор вчера го прогласи отец Давид за нов екпископ во неговата ПОА. На хиротонисувањето присуствуваа владици од Српската и Грчката православна црква, како и приврзаници на Јован од Македонија.

„Слободата на изразување на луѓето, слободата на желбата да направи некој нешто треба да се дозволи. Во секој случај како ќе биде понатаму, законот си има свои мерки кои што ќе ги спроведува. Меѓутоа треба да има еднаквост за сите.“

„Би требало во Македонија да се дозволи закон со кој може да се регистрира оваа Православна Охридска архиепископија.“

Законот за верски заедници е услов за членство во НАТО. Донесување на законот за верски заедници доцни бидејќи владата од една страна се обидува да ги задоволи препораките на Европа која бара либерализација на оваа сфера, а од друга страна да не ги загрози позициите на најбројната верска заедница во Македонија, Македонската православна црква.

Скорешно донесување на новиот закон

Министерот за правда Михјло Маневски не открива какво решение ќе понуди новиот закон но најавува скорешно донесување. „Ние работиме интензивно на тој закон. Тој е во владина процедура, се подготвени повеќе работни верзии. Законот се подготвува подолго време и се разбира со тој закон ќе се настојува да се задоволат основните слободи и права на вероисповед, на религија, остварување на религија, верските обреди итн. Секако водејќи сметка за тоа да не бидат загрозени и ничии други прва и секако тоа да биде во согласност и со европската конвенција за остарување на човековите права и слободи.“

МПЦ - во Македонија има доволно верски права

Македонската православна црква смета дека во земјата има доволно верски права и слободи и дополнителни отстапки се непотребни. Поглаварот Господин гопсподин Стефан е категоричен во ставот дека црквата на Јован е расколничка и не треба да биде озаконета. „Сметам дека е недостојно за еден закон да се врзува за личност и за било каква непостоечка институција. Верувам дека конечната верзија ќе биде прифатлива за сите и за нас што живееме во Република Македонија и за сите меѓународни институции заинтересирани да имаме добар закон прифатлив за нас што живееме во Република Македонија.“

Прво Српската црква, а неодамна и Грчката објави дека финансиски ја помага Православната охридска архиепископија на Вранишковски.

Бившиот владика на МПЦ Српската црква го прогласи за свој егзарх во Македонија и со него го условува одмрзнувањето на дијалогот со Македонската црква. Двете цркви разменија писмени пораки дека се подготвени за продолжување на преговирите за надминување на долгогодишниот спор но средба засега не е најавена.