1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Законот за дивоградби дочекан на нож

ДТЗ
13 мај 2021

Законот е штетен, ги мотивира сите оние кои со години бесправно узурпираат земјишта, а се демотивираат сите чесни граѓани, реагира јавноста

https://p.dw.com/p/3tLtg
Nord-Mazedonien Protest Aktion in Rasadnik
Фотографија: Radio MOF

Огромна грешка е направена со донесувањето на Законот за легализирање на дивоградби. Законот е штетен, ги мотивира сите оние кои со години бесправно узурпираат земјишта, а се демотивираат сите чесни граѓани кои ги следат законските чекори и ги почитуваат сите прописи. Со овој закон се оневозможени сите постапки со кои се одредува влијанието врз животната средина на бесправните објекти и се дозволува легализација на градби во заштитени подрачја и зони. Ова се дел од реакциите во јавноста на професори, архитекти, пратеници, бројни невладини организации, коишто со јавно изнесени критики и писма адресирани до Вилата Водно и претседателот Стево Пендаровски се обидуваат да ги направат последните чекори да се спречи реализацијата на идејата за легализирање на дивоградбите. Откако законот за дивоградби наиде на лавина реакции и несогласување во јавноста, се чека одлуката на претседателот Пендаровски, кој треба да пресече дали ќе го стави потписот на законот за кој постигнаа согласност власта и опозицијата.

Иницијативи

Со Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти се отвара пат гаражи, остави и базени кои сопствениците ги граделе без дозвола, како и дивоградби во национални паркови, природни резервати, споменици на природата и подрачје на заштитено недвижно културно наследство, да можат да се легализираат. Легализација ќе биде дозволена и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган. Со него се предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на стапување во сила на овој закон, односно осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“ и нема рок на важење - ќе важи до правосилно завршување на постапките кои се започнати. Исклучок се дивоградбите во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство, како и дивоизградени станбени згради и дивоизградени доградби и надградби на станбени згради.

-повеќе на темата: Погребана ли е правната држава? Нова масовна легализација на дивоградби

Законот се носи во момент кога е започната постапката за прогласување на Шар Планина за национален парк. Загрижувачко е што невладините организации алармираат дека на Шар Планина има околу 90 дивоградби, а донесувањето на законот може само да ја вложи состојбата.  Но, проблемот не е само на Шар Планина - дивоградби никнуваат буквано на секое ќоше.

Videostill - Shar Planina
Законот се носи во момент кога е започната постапката за прогласување на Шар Планина за национален парк.Фотографија: D. Cadikovska

Антикорупциската комисија деновиве најави дека ќе го оспори законот пред Уставен суд. Писма со барања да не го потпишува спорниот закон беа испратени од неколку политички партии и здруженија до претседателот Стево Пендаровски. Шефот на државата се уште го разгледува текстот за спорниот Закон за утврдување правен статус на бесправно изградените објект, по што ќе биде донесена одлука.

Писма до претседателот

Граѓанските организации „О2 Иницијатива“, „Еко-свест“ и Светскиот фонд за природа апелираа до претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот за прогласување на спорниот Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и да го врати во Собранието. Екологистите, во своето барање, поддржано од уште 22 граѓански организации, бараат законот да се донесе во редовна постапка и задолжително да се одржат јавни расправи.

-повеќе на темата: Легализација на дивоградби- нови поволности наместо санкции

Тие велат дека Законот е спротивен на Уставот, особено за две од темелните вредности во членот 8, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита на животната средина и природата. „Вашата улога е од круцијално значење за спречување на негативните последици од овој Закон не само по заштитата на животната средина и природата, туку и по нашиот правен поредок. Законот не е усогласен со законите за заштита на природата и за води каде што постоење на било какви градби во одредени зони и подрачја е строго забрането, притоа за такви локации нема потреба од дополнително мислење од страна на надлежните институции наведени во новиот Закон“, велат од „Еко свест“ во писменото обраќање.

Атак врз урбанизмот

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова, универзитетски професор по уставно право, беше една од петте пратеници коишто во вторникот во Собранието гласаа против донесување на законот. Таа и понатаму тврди дека бесправно изградените објекти не можат да бидат од интерес за државата. „Како професор кој цел живот предава и учи за почитување на правната држава и спроведување на правото не може да гласам за легализација на незаконски акти. Свесна сум дека има различни случаи на објекти, но сепак сметам дека не смее да се донесе закон кој легализира дивоградби. Законот е директен атак врз моменталното урбанистичко и просторно уредување и како феномен не е познат во меѓународното компаративно право.Бесправно изградени објекти не можат да бидат од јавен интерес или од интерес за Републиката и за локалните власти“, вели Силјановска Давкова.

Со неа се согласува и универзитетскиот професор, Ѓорѓи Спасов. Според него, голема грешка е Законот за легализација на дивоградбите и уште поголема членот 41 од тој закон со кој се запираат кривичните постапки против оние што беа свесни дека прават кривично дело со градење без градежна дозвола.

-повеќе на темата: Закон за дивоградби: Амнестија од одговорност и вовед во градежен хаос

Во неговиот став, кој го изразува преку социјалните мрежи, тој вели дека носењето на ваков закон ќе му предизвика голема штета на СДСМ во пресрет на локалните избори. „Гордана Силјановска овој пат е во право и штета што ниту еден пратеник од СДСМ не се спротивстави на овој чин на ’заеднички договор за непочитување на законите и на правната држава‘“, вели тој. Според Спасов, и да се поништи и да не се поништи од овој закон штета ќе има, пред сè, владејачката партија.

Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Писма со барања да не го потпишува спорниот закон беа испратени од неколку политички партии и здруженија до претседателот Стево Пендаровски. Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

„СДСМ не смееше да дозволи со еден ваков чин да им даде за право на оние што се обидуваат да докажат дека е ист со ВМРО. Користа што можеби некој ја пресметал за општините пред локалните избори,од легализацијата преку наплатување на 50% повисоки давачки за легализирање на дивоградбите,ќе биде многу помала од штетата што се прави со пораката ’градете на диво, кога и да е, тоа ќе се легализира‘ и од скриената амнестија што ја изнудиле од ВМРО“,вели Спасов. Тој смета дека претседателот Пендаровски, не треба да го потпише указот туку треба да го врати законот на доработка.