1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законски измени за побезбедни градби

Костадин Делимитов26 јули 2012

Последниот случај со урнатиот потпорен ѕид на Водно, што ја загрози стабилноста на неколку згради, според експертите е сериозно предупредување дека во оваа област не смее да има импровизации и ниски стандарди.

https://p.dw.com/p/15ej1
Фотографија: Adora Engineering

Закони има, но експертите предупредуваат дека се уште има аномалии во нивната примена. Универзитетскиот професор Горан Марковски, кој уште лани предупредуваше дека на Водно се гради небезбедно, предупредува дека е клучно да се реагира во законската регулатива и тоа во делот на јасното утврдување на одговорностите и построги критериуми за добивање стручни дозволи. Посебно во делот на ревизијата на процесот на проектирање и надзорот на градењето.

„Особено воведување на многу построги критериуми за стекнување на дозвола за ревизори на проекти мора да биде приоритет, кој треба да биде веднаш законски регулиран за да не ни се случува ова што ни се случува со градењето денес. Ако за надзорот доста ригорозно е регулиранa неговата улога во текот на градбата, мислам дека условите за стекнување дозвола за ревидент се на премногу ниско ниво. Да се биде ревидент на објекти од Б категорија, a тоа се сите овие станбени и деловни објекти што се изведуваат законски, е доволно само двегодишно работно искуство, што е исклучително низок критериум кој мора под итно да се промени. Исто така воведувањето на институцијата технички прием, односно преглед на објектот пред да се пушти во употреба треба да се подигне на едно многу повисоко ниво, со што ќе се исконтролира целиот процес на изведување на објектот“, смета Марковски.

Baufirma Adora Engineering
Дел од сопствениците на градежни фирми бараат построга законска регулативаФотографија: Adora Engineering

Построги контроли

Според играчите во градежниот бизнис, совесноста кај инвеститорите е од клучно значење. Ванчо Чифлиганец, кој повеќе од една деценија се занимава со изградба на станбени објекти, вели дека последниве години градежниците посветуваат големо значење на сеизмичките критериуми, но советува законско дорегулирање за спречување на евентуални несакани појави.

„Би било добро во следните законски прописи, кога се поставува објектот, да биде присутна институција, а има такви институции, да ја измери геомеханичката стабилност и да издаде сертификат или документ дека таа ги задоволува условите за дотичниот објект“, забележува Чифлиганец.

Нелојална конкуренција

Тој предупредува дека нелојалната конкуренција во овој сектор може да биде клучниот проблем. Политиката на продажба на државно градежно земјиште според него е добра, но апелира на еднаков третман за сите инвеститори.

Baufirma Adora Engineering
Градежниците забележуваат на нелојалната конкуренција од странствоФотографија: Adora Engineering

„Има многу странци што земјиштето го купуваат многу поповолно и веднаш во старт градежниот сектор, високата градба, се става во понеповолна состојба. Тоа не смее. Домашниот и странскиот инвеститор мора се стават во рамноправна улога. Не може Адора Инженеринг да земе земјиште од три милиони евра за осум и пол илјади квадрати, а странецот да земе за иста цена триесет и пет илјади квадрати. Мислам дека во таа смисла тоа не смее понатаму да биде масовна појава, може да биде случајно, несакајќи или поради други политички или економски причини. Инаку да знаете дека градежниот сектор ќе биде во многу неповолна положба“, вели Чифлиганец. Сепак и во вакви услови тој вели дека му било задоволство да се трка со домашните и странски инвеститори, пред се’ со политика на квалитетна градба и ниска заработувачка до 15%.

Градежниот бизнис во Македонија зема замав во последната деценија. Посебно во Скопје, каде се гради речиси насекаде. Експертите постојано апелираат во трката по пари да не се запостави квалитетот, но и бебзедноста на живеењето.