1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Закон за професионална или партиска администрација!?

Костадин Делимитов16 јануари 2014

Петка за бонус единица за отказ. Административните службеници во Македонија ќе добиваат награди, но и казни за своето работење. Експертите предупредуваат од недоречености во законот што остава простор за манипулации.

https://p.dw.com/p/1ArSw
Фотографија: Fotolia/Eisenhans

Со новите законски решенија, кои се во фаза на усвојување, еднаш годишно службениците ќе добиваат оценка за работењето од претпоставените, колегите, но, и граѓаните. Главниот дел во оценувањето ќе го имаат раководителите со удел од 65% во оценката, а останатиот дел колегите и претставник на синдикатот. Законот, според македонската Влада, е по европски терк и ќе ја направи администрацијата професионална и ефикасна. Експертите пак предупредуваат дека целиот процес содржи доста недоречености и остава простор за манипулации. Дилемата е и како и кој ќе ги оценува административците што седат дома, а земаат плата.

Универзитетскиот професор Темелко Ристевски за Дојче веле коментира дека идејата со законот е добра, но проблематично е што не се прецизира врз основа на што ќе се вреднува работата на службениците, што според него отвора простор за манипулации.

„Лошо е решението во оценувањето. Елементите треба да се прецизираат и конкретизираат за да се избегне можноста од субјективизам, оти ако дозволиме ќе ја имаме истата состојба како досега. Нема да можеме да ги стимулираме и водиме напред во службата оние способните, вредните, квалитетните, туку оние кои што некои сакаат да бидат фаворизирани. Таму е предвиден квалитетот критериум, исполнување на стратешки цели на органот, управата, но треба да се прецизира што конкретно ќе се бара од административниот службеник, на пример број на изработени, решени предмети, дали и колку од нив се решени во законски пропишаниот рок, а не некои општи недоволно дефинирани елементи за оценување. Не е добро ако поединец оценува, тој може да биде субјективен. Треба да се даде поголемо значење на колективното оценување“, смета Ристевски.

Иако законот не нуди конкретно решение за проблемот со рамковните и партиски вработувања, Ристевски смета дека тој може да се реши ако доследно се почитуваат одредбите во делот на квалитетот во работењето.

„Тука законот е прилично строг. Ако службеникот е неповолно оценет, законот содржи одредба да му престане службата. Тие што се примени по Рамковен договор, по политички или други критериуми, а не врз основа на квалитет брзо ќе го покажат својот неквалитет и нормално ќе добиваат лоши оценки и на тој начин можат да се отстранат. Единствено тука го гледам излезот“, смета Ристевски.

Савески: Департизација на администрацијата клучен предизвик

Со законските измени новина е што согласност за вработувањата освен министерството за финансии сега ќе треба да дава и министерот во Владата задолжен за спроведување на рамковниот договор. Клучниот предизвик во вакви услови според универзитетскиот професор Здравко Савески ќе биде департизација на администрацијата. Во спротивно според него мерките ќе имаат контра ефект и ќе ги потврдат сомнежите во јавноста дека законот е скроен за намалување на администрацијата, но главно со отстранување од работа на политички неподобните.

„Ако на таков начин се намали бројот на вработените во јавната админситрација тоа во никој случај нема да значи подобрување на нејзината работа туку напротив влошување, бидејќи процентот на партиски вработени ќе порасне. Мислам дека овој закон покажува оти креаторите на буџетот сфатиле дека преголем дел од државната каса се одвојува за преобемната јавна администација и таа треба да се намали. Но, ако се оди на принцип на намалување на начин што на секој квалитетен, а непартиски кадар ќе му се најде основ да биде избркан од работа, тоа е контрапродуктивно намалување“, предупредува Савески.

Сојзот на синдикатите и Конфедерацијата на слободни синдикати кои генерално дадоа поддршка во меѓувреме ги испеглаа ставовите со владата околу спорните прашања. Издејствуваа да имаат свој претставник при оценувањето во седумчлената комисија, а го договорија и начинот на кој ќе се врши наградувањето. Една плата за оценка пет, односно казна од 20% од платата во рок од шест месеци за оние што не задоволуваат во работата. Законот не доби поддршка од надлежниот Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и граѓански здруженија, кои бараат тој да биде повлечен.