1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заложбите да станат реалност

7 април 2009

Во говорот во Прага, американскиот претседател Барак Обама се заложи за свет без атомско оружје. Германската влада ги поддржува таквите планови, визијата на Обама ја споделува и опозицијата.

https://p.dw.com/p/HRUU
Барак Обама за време на говорот во ПрагаФотографија: picture-alliance/ dpa

Германската влада и опозицијата во земјата едногласно ја поздравија иницијативата на американскиот претседател Барак Обама за нуклеарно разоружување. Портпаролот Томас Штег истакна дека и германската влада се чувствува обврзана кон таа цел и ќе го поддржи Обама во нејзиното остварување: „Германската влада особено го поздравува започнувањето преговори за нов договор за атомско разоружување и решителноста на американската влада, договорот за запирање на атомски проби да го поднесе на ратификација во Сенатот, како и напорите на САД, заедно со партнерите, да му стават крај на производството на материјал што може да се употреби за оружје“.

Министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер во ставовите на Обама гледа потврда за сопствените напори за разоружување. „Се разбира, многу сум задоволен од говорот на Обама, особено поради тоа што визијата за свет без атомоско оружје е дел од политичките заложби, кои меѓутоа треба да бидат преточени во реална политика“, рече Штајнмаер.

За многу земји ќе биде тешко да се откажат од нуклеарното оружје

Passerelle Brücke in Kehl Angela Merkel mit Barack Obama Nato Gipfel
Обама и Меркел ја остварија првата официјална средба на самитот на НАТОФотографија: AP

Многумина експерти се сомневаат дека еден ден навистина ќе биде уништено целото атомско оружје. Клаус Рајнхарт, пензиониран генерал на Бундесверот, во еден телевизиски настап анализира: „За Русија со забележително слаби конвенционални сили, атомското оружје е стартегиско порамнување. Без атомско вооружување таа не може да и` парира на Америка. Затоа најверојатно ќе им биде тешко да се откажат од него. А Франција без атомско вооружување сигурно веќе нема да ја има стратегиската улога во Европа, како што е сега“.

И германскиот министер за надворешни работи, Штајнмаер признава дека е долг патот до „свет без атомско оружје“. Затоа тој се насочува кон првата достижна цел, а тоа е нов договор меѓу Русија и САД за намалување на стратегиското нуклеарно вооружување. Првиот германски дипломат потенцира:„Прв значаен сигнал во оваа насока би било Русија и САД, како две најважни држави кои поседуваат ваков вид оружје, да постигнат нов договор за атомско разоружување. Претседателите Медведев и Обама во Лондон цврсто го договорија тоа. Да се надеваме дека овие преговори до крајот на годината ќе вродат со плод“.

Опозицијата бара разоружување на Германија

Cem Özdemir Porträtfoto
Ездемир бара Германија да биде зона без нуклеарно оружјеФотографија: picture-alliance/dpa

Но, не само германската влада, туку и опозицијата во земјата изрази голема поддршка за плановите на Обама. Неговата визија за свет без атомско оружје е од „епохално значење“, истакна лидерот на ФДП, Гидо Вестервеле. Со сличен позитивен став се јавија и Левичарската партија, како и партијата на Зелените. Но, тие бараат и германската влада да преземе иницијатива за разоружување. Во Германија се` уште има американско нуклеарно оружје, што во услови на војна може да биде употребено со авионите „торнадо“. Чем Ездемир, претседател на Зелените, истакна: „Меркел и Штајнмаер имаат шанса да дадат активен придонес, со тоа што Германија би ја прогласиле за зона без нуклеарно оружје и тоа би било повлечено од покраината Рајнланд-Пфалц. Ова самите би можеле веднаш да го сториме и на тој начин да понудиме веродостоен придонес за поддршка на целите на Обама.“

Канцеларката Меркел сепак неодамна изјави дека и натаму опстојува врз зачувувањето на германскиот „удел во нуклеарното оружје“.

Автор: Нина Веркхојзер/Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска