1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Замирисува на Вотергејт

Миодраг Шориќ
10 мај 2017

Претседателот Доналд Трамп го отпушти шефот на ФБИ и тоа додека тој ги истражува наводните врски на изборниот штаб на Трамп со Москва. Па сепак, вистината ќе излезе на виделина, коментира Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/2cjAW
Bildkombo U.S. Präsident Donald Trump und FBI Direktor James Comey
Фотографија: Reuters/J. Lo Scalzo/G. Cameron

Незабележано во американската историја: шефот на Белата куќа го отпушта шефот на ФБИ додека тој води истрага која би можела да биде опасна за претседателот. Џејмс Коми се занимаваше со наводните обиди Русија да влијае врз американската изборна кампања со цел да му го отвори патот на Трамп до Белата куќа, односно да ѝ наштети на неговата политичка противничка Хилари Клинтон.

Администрацијата на Трамп во предходните недели ги негираше обвинувањата дека за време на кампањата во 2016 година имало соработка со Кремљ. Меѓутоа, истрагата на ФБИ за тоа сѐ уште трае. Останува горкиот вкус бидејќи шефот на федералната полиција е отпуштен пред завршетокот на истрагата. Политичарите од Демократската партија не се единствените, кои се плашат дека Доналд Трамп ќе именува нов директор на ФБИ, кој набрзина ќе ја заврши истрагата. Со тоа целата вистина за влијанието на Москва никогаш не би излегла на виделина.

Одлуката на Трамп му наштетува на имиџот на политичките институции во Вашингтон. Угледот на политичката класа би можел да падне во нови рекордни длабочини, а заситеноста од политика уште повеќе да се зголеми.

Soric Miodrag Kommentarbild App

Претседателот вели дека сака нов почеток за ФБИ. Трамп отпуштањето на Коми го објаснува со неговото однесување за време на аферата со електронската пошта на Хилари Клинтон. Но тоа објаснување нема да го проголтаат, дури ни неговите партиски пријатели. На крајот, токму Трамп на големо го фалеше Коми поради истата работа бидејќи истрагата за електронската пошта среде кампањата силно ѝ наштети на неговата ривалка. И сега, неколку месеци подоцна, го отпушта шефот на ФБИ токму поради тоа? Зарем не.

Принудното пензионирање на Џејмс Коми во Вашингтон би можело да предизвика политички земјотрес. Одлуката потсетува на скандалот Вотергејт. Бидејќи и Ричард Никсон на почетокот на 70-тите го отпушти специјалниот истражувач кој ги препозна неговите матни работи. Никсон сепак мораше да замине- вистината порано или подоцна испливува.

Трамп го избрка Коми, но демократите и по некој републиканец и натаму ќе истражуваат дали изборниот штаб на Трамп имал договори со Русите. Засега нема докази, но и тоа може да се промени.