1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заморениот формат

Аделхајд Фајлке / превод: ЕМФ27 август 2016

Се роди пред 25 години, а денес е климав: Вајмарскиот триаголник не е она што беше. Мина времето на политичка еуфорија. Сојузот на Варшава, Берлин и Париз нема импулси. Па сепак, форматот е важен, оценува Аделхајд Фајлке

https://p.dw.com/p/1Jr2C

Пред 25 години - на 28 и 29 август 1991 година - во Вајмар, Тирингија, се сретнаа министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска, Ханс-Дитрих Геншер, Роланд Дима и Кжиштоф Кубишевски. Се роди Вајмарскиот триаголник. Тројцата министри својата визија за „Иднината на Европа“ ја срочија во изјава од 10 точки. Стануваше збор за заедничка одговорност за заедничката европска иднина. „Вајмарскиот формат“ требаше да послужи за приближување кон ЕУ не само на Полска, туку и на другите нови демократии во Централна и Источна Европа.

Форматот има неспорен удел во процесот на проширување на ЕУ, како и во приемот на Полска и нејзините соседи во НАТО. Но, по 2004 година форумот за дијалог загуби од својата енергија. Политички триаголникот беше крут. Не успеаја обидите за посилно користење на форматот како база за големите политички предизвици. Во врвот на украинската криза во 2014 година, од Вајмарскиот триаголник беше испратен уште еден силен импулс кога во февруари министрите за надворешни работи на земјите кои се дел од форматот се сретнаа со претседателот на Украина, како и со лидерите на опозицијата во Киев.

Исполнета мисија?

Но, 25 години по раѓањето, овој формат стана само еден од многуте форми на редовен дијалог. И дотука ништо лошо - мисијата е исполнета! Сѐ додека тоа беше израз на извесна нормалност во една обединета функционална Европа. Но, времињата драматично се променија: бегалска криза, нова непресметливост на Русија, терор и - брегзит. Европската тектоника опасно се разниша. Не би било ли здружувањето на трите големи европски држави тука важен сигнал? Сигнал на стабилност и континуитет? Би можеле ли трите земји, Франција, Германија и Полска, толку експонирани во делот на соработката, да почнат нова европска иницијатива?

Feilcke Adelheid Kommentarbild App
Аделхајд Фајлке

Такво нешто речиси и нема. Полскиот министер за надворешни работи Витолд Вашчиковски во април годинава дури го прогласи форматот за исцрпен. Наместо тоа, Полска, како можеби најважна источноевропска членка на ЕУ, бара да води формати како Вишеградската група и билатерални средби на една источноевропска заедница на интереси, која, како што се чини, се насочува против Германија, пред сѐ како одбрана од политиката кон бегалците што ја застапува Меркел. Франција со оглед на опасноста од теророт, економските проблеми и претседателот кој нема многу силни позиции, е зафатена премногу со самата себеси. Кој тука уште размислува за Вајмарски триаголник?

Благи знаци за нова политичка динамика

Јубилејната средба во Вајмар е на крај на една недела полна со билатерални средби. Канцеларката Меркел неделата ја почна во Италија, со средбата на новиот европски триаголник Италија-Франција-Германија. Германија има витален интерес од тесна соработка со соседите. Полска и Франција се најважните. Земјите од Вајмарскиот триаголник денес се силни експоненти на - може да се каже различни - европски полиња на интерес. Оттука, охрабрувачки е што полскиот министер за надворешни работи сака да го заживее повторно Вајмарскиот формат и најави назначување координатори пред важната средба. Тоа би можело да се третира како знак на повисоко ценење на форматот.

Вајмарскиот триаголник 25 години по основањето веќе не е помош за интеграција на Источна Европа. Но, тој останува формат на комуникација на една централна геополитичка оска на европскиот континент, која опфаќа околу 180 милиони луѓе од три важни нации. Форматот би требало да го искористи тој потенцијал за врз таа основа да стане мотор за решение на големите европски проблеми, независно од внатрешнополитичките и билатералните тензии, предизвикани пред сѐ од полското свртување в десно.

Полска, Германија и Франција, и покрај сите дивергенции, сѐ уште имаат заеднички интереси, кои и натаму преовладуваат над сѐ. На пример, во времиња на европска криза да ја унапредуваат безбедносната политика и европската интеграција. Но, наспроти сите објективни шанси кои ги има форматот, во моментов го нема духот на заживување. Преовладуваат национални егоизми и меѓусебни обвинувања. Сепак, Вајмарскиот триагонлик е симбол на една успешна приказна на интеграција. Од неговите членки зависи дали тој симбол ќе добие сила за нова европска интеграција.