1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан меѓу приоритетите на Кипар

Марина Максимовиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска3 јули 2012

Во Никозија се вели дека Кипар ќе се залага секоја од земјите во процесот на евроинтеграции да направи напредок до декември, кога завршува шестмесечното кипарско претседателство со ЕУ.

https://p.dw.com/p/15QRu
Фотографија: AP

Мотото на Кипар, кој од први јули го презеде претседавањето со ЕУ, ќе биде движење кон подобра Европа, Европа која ќе одговори на потребите на своите граѓани, но ќе има и соодветна улога во светот. Свесни дека климата во ЕУ, вклучително и во Кипар, во моментов не е најдобра, од Никозија порачуваат дека тоа, исто како и фактот дека станува збор за мала, една од најмладите членки на ЕУ и земја која е прв пат претседавач, нема да им пречи претседателството да го извршат на пристоен, скромен, но амбициозен начин. Меѓу приоритетите кои Кипар ги изложи во Брисел, покрај излегувањето од економската криза, се наоѓа и проширувањето. Тоа би требало да се заснова на заслугите на земјите заинтересирани за членство, стриктна условеност, но и развој:

„Исланд и Западен Балкан ќе бидат приоритети во шестмесечното претседавање на Кипар. Ќе работиме на веќе договорената Мапа на патот и се надеваме дека во декември ќе оставиме унапредени досиеја за секоја од земјите кандидати“, изјави за ДВ Јоанис Касулидис, некогашен министер за надворешни работи на Кипар и член на Европскиот парламент.

До крајот на кипарското претседавање се очекува БиХ да ги исполни условите од Мапата на патот договорени во текот на дијалогот на високо ниво и од декември да дојде во ситуација да поднесе веродостојно барање за кандидатски статус. Црна Гора до декември би требало да мине низ обемна длабинска контрола, со фокус на владеењето на правото, за што извештај до Советот на ЕУ би требало да се поднесе до крајот на годината.

Karte Balkanhalbinsel (englisch) Flash-Galerie
Фотографија: DW

Кога станува збор за евроинтеграциите на Косово, официјална Никозија, која не ја призна независноста на Косово, вели дека со тоа прашање ќе се занимава преку постоечката европска работна рамка, без влијание на националната агенда и со општо прифатениот статусно неутрален пристап на ЕУ. На прашањето како во Кипар се гледа новата власт во Белград, Касулидис вели дека со изјавата на српскиот претседател Томислав Николиќ, со која тој го негира геноцидот во Сребреница, е направен чекор назад: „Се надевам дека е тоа само една пречка на патот на Србија кон ЕУ, зашто говорејќи од искуството на мојата земја и проблемот што Кипар го има со Турција, но и искуствата на Германија и Франција, кои ја направија ЕУ она што е денес, соочувањето со грешките е најдобар начин да се оди напред, а не нивното негирање или убедување дека грешки не се направени.“