1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан - обединет против трговијата со луѓе

12 февруари 2011

Трговијата со луѓе не може да се искорени преку ноќ. Но, земјите од Западен Балкан ја најдоа формулата за соработка. НВО се вистинскиот мост да се надминат бариерите, кога е во прашање судбината на луѓето.

https://p.dw.com/p/10GEa

Претставници на невладини организации од Албанија, Косово, Србија и Македонија се дел од проектот „Борба против трговијата со луѓе од Западен Балкан“. По 14 месеци одделна и заедничка работа, завршната конференција се одржа во Охрид. Целта е да се истражуваат случаите на жртви на насилство, но и да се поткрене ефикасноста на националниот механизам за утврдување на жртви од трговијата со луѓе во регинот, вели Кристина Павлоски од Центарот за граѓански иницијативи од Прилеп и додава: „Македонија во моментов е дефинирана како земја на потекло, транзит и дестинација. Последниве години во Македонија се случува внатрешна трговија со луѓе. Претежно жртви се жени, а во последно време е зголемен бројот на малолетници жртви на трговијата со луѓе.“

Македонија конечно со национала база против трговија со луѓе

Министерството за труд и социјала конечно изготви база на податоци. Сега Македонија како резултат на меѓународен проект има унифицирана национална база и е поврзана со уште 10 земји од Југоисточна Европа. Лани од 15 случаи – 10 се идентификувани како жртви на трговија со луѓе. Прифатилиштето „Отворена порта“ лани згрижило шест малолетни лица, кои меѓународната полиција ги вратила дома, вели Елена Гроздановска, советник во министерството за труд и социјала: „Направена е проценка на семејства за враќање на шест малолетни лица од Белгија и Франција во Кавадарци, Крива Паланка, Прилеп и Неготино. Од МВР информираат дека само едно од девојчињата во Белгија е жртва, а додека други две кои се вратени, не се жртви на трговија со луѓе.“

Elena Grozdanovska Mazedonien Seminar gegen Menschenhandel Südosteuropa
Елена ГроздановскаФотографија: Milco Jovanoski

Бројот на мажите – жртви се зголемува

„Во трговијата со луѓе не се работи само за сексуална експлоатација, туку и работна експлоатација и принудвањето за вршење кривични дела и просење. Србија се’ повеќе ги препознава овие случаи. Се промени и структурата на жртвите, речиси педесет проценти се многу млади лица и се повеќе мажи“, вели Маријана Савиќ од Белград.

Интернационалците ги зближуваат Косово и Србија

Feride Rushiti Mazedonien Seminar gegen Menschenhandel Südosteuropa
Фериде РушитиФотографија: Milco Jovanoski

Косово, од независноста пред три години, го фаќа чекорот и засилено работи врз сузбивањето на овој проблем, признава Фериде Рушити од Приштина: „Власта се обидува да го реши прекуграничниот проблем со Албанија и Македонија. Ќе следат билатерални договори. Политиката во некоја рака ја блокира соработката со Србија, но на одредени нивоа кога се во прашање проблемите со луѓето имаме позитивен одзив во што помага Интернационалната организација за миграција,“ подвлекува Рушити.

Проекти за препознавање на трговијата со луѓе

Во Албанија трговијата со луѓе е одмана препозната. Но, власта и невладиниот сектор се обединија дури пред една деценија, открива Едлира Ѓони од Албанскиот центар за човекови права: „Постои коалиција од четири невладини организации кои работат на сите аспекти на трговијата со луѓе вклучувајќи ја и идентификацијата. И кај нас тренд е злоупотребата на децата, но и на мажите. Се обидуваме да го подигнеме нивото на информации за да се зголеми и свеста кај населението да и кажат стоп на трговијата со луѓе, за што ги користиме и медиумите.“

Проектот технички и финансиски поддржан од ИПА програмата на Европската комисија потврдува дека просторот за делување е широк. Официјалните бројки на жртвите во регионот, ни оддалеку не ја даваат реалната слика за сосотојбата на теренот. Невладините организации и државите градат свои, а лицата кои живеат од овој вид криминал пронаоѓаат нови форми и стратегии.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска