1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан пред уште еден тест

9 јуни 2009

Во новиот состав на Европскиот парламент распоредот на силите нема многу да се промени, што би требало да значи продолжување на досегашната политика кон Западен Балкан. Во ЕП и натаму доминираат европските сили.

https://p.dw.com/p/I6BH
Фотографија: picture-alliance/ dpa / dpaweb

Проевропските сили остануваат доминантни во парламентот, а евидентното влијание на екстремната десница и евроскептиците ќе ја заостри дискусијата, пред се‘ на темата за проширувањето на ЕУ.

Иако новиот состав на Европарламентот има мнозинска европска ориентација, во дебатите и донесувањето одлуки за Западен Балкан, на европските парламентарци нема да им биде ни малку лесно. Околку 70 места во ЕП би требало да заземат пратеници кои не припаѓаат на ниеден блок. Меѓу нив ќе се најдат претставници на десничарските и националистичките партии, кои не се наклонети на проширувањето. Исто така, пратенците ќе мора да го земат предвид општеството во Европската унија, кое покажува се‘ помал ентузијазам за прием на нови членки. Примерите на корупција во последните примени земји: Бугарија и Романија, само ја продлабочуваат недовербата кон можните нови членки. Василис Маргарас од Центарот за европски политички студии во Брисел, за Дојче веле изјави:

„Поврзаноста на линија ЕУ-Западен Балкан секако ќе продолжи и по овие избори. Меѓутоа, ќе има поголем притисок врз тие земји и нивните политичари за да се изборат со реформите и корупцијата. Процесот на приближување ќе бара да се исполнат повеќе услови, не само поради новиот состав во институциите на ЕУ, туку и затоа што тоа е нормално во подоцнежните стадиуми на исполнувања на условите предвидени со договорот за асоцијација. Колку сте поблиску до членството, толку повеќе морате и да достигнете.“

Europäisches Parlament Europa-Parlament Strassbourg
Европарламентарците ќе расправаат за визната либерализацијаФотографија: dpa

Визната либерализација не би требало да претставува проблем

Она што ќе биде прво на агендата на новиот состав на ЕП, а се однесува на Западен Балкан, е прашањето на визната либерализација. За ова можеби ќе се расправа подетално, но тој процес веќе е во тек и не би требало да има проблеми, вели Маргарас: „Тука веќе е постигнат значаен прогрес, а за тоа се залагаат двете најголеми групи во ЕП. Секако дека ЕП ќе инсистира на тоа земјите од Западен Балкан на адекватен начин да ги исполнат сите потребни услови. Ќе инсистира и на реформи, борба против корупцијата, борба против трговијата со луѓе и дрога“.

Важна е и Европската комисија

Засега е се’ уште рано да се предвиди како ќе течат работите во новит петогодишен мандат на ЕП. Ќе има промени на важни места. Иако е секогаш добро пратениците во ЕП да бидат наклонети, земјите од Западен Балкан би требало да посветат внимание и на претстојното преструктуирање во Европската комисија, која е од големо значење за понатамошниот процес на евроинтергација, смета Маргарас: „ЕП е важен, но тој има повеќе консултативна улога. Добро е кога парламентаците се залагаат за ваши подобри позиции, но Европската комисија и Советот на Европската унија се оние на чии позиции Западниот Балкан претходно би морал да посвети внимание.“

Конститутивна седница на новиот состав на ЕП ќе се одржи од 14 до 16 јули во Стразбур. Се очекува прашањето за визната либерализација, за земјите кои ќе добијат препорака од Европската комисија, да се најде пред европарламентарците наесен.


Автор: Марина Максимовиќ / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска