1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западниот Балкан останува пред вратите на ЕУ

Марина Максимовиќ / Елизабета М. Фиданоска10 јули 2013

Иако своевремено 2018. година делуваше како реалност за пристап на Западниот Балкан во ЕУ, тоа веќе не е случај. Денес неофицијално се споменуваат „три нови членки во наредната деценија“, или „цел регион до 2025-2030.“.

https://p.dw.com/p/194rT
Фотографија: Fotolia/beermedia

Десет години по Солунската декларација со која ЕУ ја потврди „европската иднина“ на Западен Балкан, претставниците на ЕУ повторуваат дека обединувањето на Европа не е комплетно без проширување на целиот Западен Балкан. Истовремено, тие не сакаат да даваат прогнози, или, како што велат, „лажни охрабрувања“ за тоа кога тоа би можело да се реализира.

Иако своевремено 2018 година (како симболика на стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна) делуваше како реалност за пристапување на Западниот Балкан во Унијата, тоа веќе не е случај. Критериумите за пристапување се заострени, а атмосферата и расположението во ЕУ не одат во прилог на проширувањето. „Не е време за смели потези. По пристапот на Хрватска генералниот тренд, поради што ми е жал, е т.н. ’консолидација’ во рамките на самата Унија. Тоа значи дека до ново проширување веројатно нема да дојде во оваа декада“, оценува известувачот на Европскиот парламент за проширување, Марија Елени Копа. Како претставник на грчките парламентарци Копа вели дека се кренати раце од идејата на некогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу во текот на наредното грчко претседавање со ЕУ, во првата половина на 2014 година, да се одржи Солунски самит 2, на кој фокусот на ЕУ повторно би се вратил на Западниот Балкан: „Сега, реално, може да се надеваме дека во тој период ќе можеме да почнеме преговори со Србија, да организираме Меѓувладина конференција и да ги отвориме поглавјата 23 и 24. Очекуваме Албанија веќе во декември да добие можеби статус на кандидат. За останатите не се предвидени поважни случувања.“

Maria Eleni Koppa
Марија Елени КопаФотографија: Sozialdemokratische Fraktion im Europäischen Parlament

Македонија и името - еден од најголемите предизвици

Сите во ЕУ се согласни дека во последните 10 години дојде до напредок во регионот. Како два најголеми предизвици за Западниот Балкан, во Брисел се гледаат прашањето на името на Македонија и нефункционалноста на Босна и Херцеговина, за чија политичка ситуација во ЕУ се вели дека не се поправила „уште од Солунскиот самит 2003“. Истовремено се укажува на потребата од воспоставување здрава демократија во регионот, се укажува на недостатоците во сферата на владеење на правото, на корупцијата и криминалот, слободата на изразување и други етнички и билатерални проблеми.

Врв на сето тоа е важното пoглавје на економијата. „Дојде време од работа на мирот и стабилноста да преминеме на полето на економијата“, смета генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ и додава: „Се‘ е во економијата. Ако не‘ гледаат како еднакви, внатре сме. Ако не, не сме!“ А за тоа колку земјите од Западен Балкан може да се мерат со членките на ЕУ зборува податокот дека просекот на БДП (Бруто домашен производ) во регионот изнесува само 38% од просекот на земјите членки на Унијата.

Symbolbild EU-Erweiterung
Фотографија: Getty Images

Ако можеа тие, можеме и ние

И додека земјите од регионот се жалат дека ЕУ бара премногу, истражувањата зборуваат дека граѓаните на Западниот Балкан и натаму сакаат да станат дел од ЕУ, на прво место поради надежта во економски простепритет, а потоа доаѓа желбата за уредена држава.

Од друга страна, ЕУ очекува „ученици со најдобри оценки и однесување“, но не одрекува дека токму политиката на проширување е една од најсупешните политики. Влезот на Хрватска во ЕУ го поздравија и едните и другите. „Ние тоа го гледаме како огромно охрабрување, како факт дека членство е можно“, порачува Свилановиќ: „Ако можат тие, зошо не би можеле и ние? Можеби ќе ни бидат потребни години, но тоа, наспроти се‘, ни е достапно.“

И додека неофицијално се споменуваат „три нови членки во наредните 10 години“ или „цел регион до 2025-2030 година“, бавно или сепак - само по правила, процесот на проширување продолжува да живее.