1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот бара брза подготовка на резолуција за Сирија

АТ/ дпа/ афп/ртр/ епд16 септември 2013

По спогодбата меѓу САД и Русија за уништување на хемиското оружје на Сирија западните вето сили во ОН се залагаат брзо да се донесе резолуција во Советот за безбедност на ОН.

https://p.dw.com/p/19i25
Фотографија: Reuters

Францускиот претседател Франсоа Оланд соопшти дека денеска (16.09) на средбата на министрите за надворешни работи на САД, Велика Британија и Франција ќе започне подготовката на нацрт резолуција за Сирија во ОН. Утре се очекува во Москва да отпатува шефот на француската дипломатија Лорен Фабиус, кој треба да ги усогласи ставовите со рускиот колега. До крајот на неделата би требало да се гласа во Советот за безбедност на ОН во Њујорк, најави Оланд.

Францускиот претседател оцени дека руско-американската спогодба за уништување на целото хемиско оружје на Сирија до средината на 2014. година е „важна етапа“ на патот за завршување на конфликтот. Но не се работи за крај. Францускиот претседател притоа опомена „дека ќе има санкции доколку нема придржување до спогодбата“, подвлече Оланд. Опцијата за воен удар би морала да остане, оти во поинаков случај би недостасувал неопходниот притисок врз Дамаск.

Ова исто така е и позицијата на САД. Претседателот Барак Обама потврди дека во случај дипломатијата да потфрли за случајот Сирија како и досега и натаму е подготвен за воена опција за решавање на кризата. Владата на САД оцени дека е неминовен воен удар врз режимот на Асад поради наводната употреба на отровен гас на 21. август. Според сознанијата на тајните служби на САД во овој напад загинале повеќе од 1.400 луѓе.

Изминатата недела САД ненадејно се согласија на рускиот предлог за уништување на сириското хемиско оружје. Претседателот Обама изрично го пофали ангажманот на рускиот претседател Владимир Путин. Во едно телевизиско интервју Обама укажа дека шефот на Кремљ го заштитува претседателот Асад и не ги споделува „вредностите“ на САД по ова прашање, но тука не станува збор за Русија против САД. „Ова не е студена војна“, нагласи американскиот претседател.

Претседателот Асад досега не се произнесе лично по руско-американската спогодба. Министерот за информации на Сирија Омран ал Суби меѓутоа преку британската телевизија ИТН увери дека Дамаск ќе се придржува до спогодбата, штом ќе биде усвоена од ОН. „Сирија ќе исполни сѐ, што ќе дојде од ОН“, рече ал Суби. „Ние го прифаќаме рускиот план да го уништиме нашето хемиско оружје“

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле понуди техничка и финансиска помош за уништување на хемиското оружје на Сирија.